Европските банки ги заоструваат условите за одобрување кредити
Банките во еврозоната ги заострија условите за одобрување кредити и во вториот квартал, во услови на изразена геополитичка нестабилност, и сигнализираат зголемена чувствителност на ризик и во летните месеци, покажа кварталниот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ). Побарувачката на компаниите за кредити малку се зајакна во периодот од април до јуни, но кредиторите отфрлија поголем дел од барањата во сите категории на кредити, според анкетата на ЕЦБ спроведена на 159 од најголемите банки во еврозоната.
Препорачано
Стандардите за кредитирање се заострени за компаниите од повеќето сектори, како што се автомобилската индустрија и големите индустриски потрошувачи на енергија, соопштија банките.
Резултатите од анкетата во голема мера се совпаѓаат со долгогодишниот став на ЕЦБ дека војната во Иран ќе го оптовари економскиот раст бидејќи еврозоната е голем увозник на енергија, а скокот на цените на нафтата ја ограничува потрошувачката и ги еродира приходите на производствениот сектор.
Главните фактори зад заострувањето на условите за кредитирање повторно беа „перцепираните ризици за економските перспективи и пониската толеранција на ризик од страна на банките“, се наведува во извештајот на ЕЦБ, во кој се забележува дека банките продолжуваат внимателно да ги следат ризиците поврзани со развојот на геополитичката ситуација и состојбата на енергетскиот пазар.
Условите за одобрување кредити треба дополнително да се заострат и во третиот квартал, предвидуваат банките, во сите категории кредити. Побарувачката за станбени кредити значително ослабе веќе во вториот квартал, а банките предвидуваат понатамошно слабеење и во летните месеци, додава ЕЦБ.


