САД и Иран влегуваат во „маѓепсан круг“ на дипломатија и војна
Епизодите на напади и преговори за мир помеѓу Вашингтон и Техеран може да се гледаат како најнова фаза од судир што почна пред десетици години, отколку како изолирани кризи. Низ годините конфликтот еволуираше преку санкции, посреднички војни и тајни операции кои кулминираа со директен воен судир.
Кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа, вети дека ќе избегне уште една „бескрајна војна“ на Блискиот Исток. По скапите искуства во Ирак и во Авганистан, тоа ветување наиде на добар прием кај американската јавност, изморена од долготрајните воени интервенции.
Препорачано
За кратко време се чинеше дека ветувањето може да биде исполнето. Меморандумот за разбирање што САД и Иран го потпишаа на 17 јуни изгледаше како излез од спиралата на ескалација. Пазарите се стабилизираа, регионалните тензии се намалија и се појави внимателен оптимизам дека Вашингтон и Техеран се повлекле од работ на бездната.
Но, тој оптимизам, очекувано, траеше извонредно кратко. Американските воени напади продолжија, а Иран возврати против САД и нивните сојузници низ Персискиот Залив. Хутите, сојузници на Иран, објавија дека се подготвени да го затворат теснецот Баб ел Мандеб, стратешката точка на влезот во Црвеното Море, кој служеше како алтернативна маршрута за транспорт на дел од нафтениот извоз, особено од Саудиска Арабија.
Вашингтон продолжува да го комбинира воениот притисок со повици за обновување на преговорите. Но, наместо да претставуваат пропаст на изолиран мировен обид, овие случувања можеби ја потврдуваат реалноста на конфликтот во „сивата зона“ – во кој дипломатијата управува со војната, наместо да ја заврши, оценува анализата на академскиот медиум „Конверзејшн“.
Кога Американците размислуваат за бескрајните војни, се вели во анализата, разбирливо е што прво помислуваат на Ирак и на Авганистан. Тие конфликти беа обележани со инвазии, долготрајни окупации, обиди за градење држави и распоредување стотици илјади војници во текот на повеќе години. Нивната огромна политичка, финансиска и човечка цена на крајот стана неодржлива.
Според „Конверзејшн“, конфронтацијата со Иран е суштински поинаква. Малку е веројатно дека ќе бара окупација на територија, ниту, пак, постои сериозен и долгорочен обид за директно преобликување на иранската држава. Наместо тоа, војната се води преку воздушни напади, кибероперации, санкции, поморски судири, разузнавачки активности и посредничко војување. По воената ескалација следува дипломатија, дипломатијата повторно му отстапува место на судирот, а секоја епизода се претставува како посебна криза.
Нова фаза на стар конфликт
Гледани како целина, овие епизоди подобро може да се разберат како најнова фаза од стратегиската конфронтација што почна со Иранската револуција во 1979 година, се вели во анализата, отколку како изолирани кризи. Низ годините конфликтот еволуираше преку санкции, посреднички војни, тајни операции и киберконфликти, за на крајот да прерасне во подиректен воен судир.
Повтореното пропаѓање на обидите за деескалација честопати им се припишува на недовербата или на неуспехот на дипломатијата. И двата фактора несомнено се важни, но не објаснуваат целосно зошто меморандумот се распадна толку брзо.
Многу од неговите клучни одредби станаа предмет на спор. Израел ги продолжи воените операции во Либан, и покрај очекувањата дека непријателствата во регионот ќе стивнат. Вашингтон првично сигнализираше поголема економска флексибилност кон Иран, вклучувајќи ублажување на ограничувањата за извозот на нафта и разговори за иранските средства. Сепак, санкциите подоцна беа проширени и беа воведени дополнителни економски мерки.
Од гледна точка на Техеран, овие постапки претставуваат прекршување на духот на договорот. Од гледна точка на Вашингтон, анализира „Конверзејшн“, тие се одговор на продолжените ирански активности што САД ги сметаат за дестабилизирачки.
Ормускиот Теснец покажува колку бргу нејаснотиите можат да прераснат во нова конфронтација. Членот 5 од меморандумот предвидуваше Иран да го олесни безбедното минување на трговските бродови низ теснецот. По постигнувањето на договорот, трговскиот сообраќај првично се зголеми.
Но, наскоро се појави несогласување откако Оман, во координација со Меѓународната поморска организација и со поддршка од САД, воспостави привремен поморски коридор поблиску до оманскиот брег. Техеран оцени дека тоа не е во согласност со договорената рамка и тврди дека се поткопува одговорноста на Иран за управување со безбедното минување на бродовите. Вашингтон го отфрли ваквото толкување, тврдејќи дека се неопходни дополнителни безбедносни мерки за заштита на меѓународната пловидба.
Спротивставените толкувања бргу станаа уште еден извор на ескалација.
Се промени и самиот конфликт. Она што почна главно како напади врз воена инфраструктура сè повеќе се проширува врз објекти чие уништување има директни последици за животот на цивилите. Меѓу нив се енергетската инфраструктура и постројките за десалинизација, кои се од суштинско значење за снабдувањето со вода за пиење во делови од Персискиот Залив.
Цел на нападите стана и транспортната инфраструктура, вклучувајќи ги мостовите. Тоа поттикна дебата меѓу воените аналитичари дали оперативните цели се прошируваат надвор од присилното сигнализирање – користење ограничена воена сила за притисок или влијание врз однесувањето на противникот – кон пошироки воени цели. Истовремено се отворија прашања дали некои од нападите го прекршуваат меѓународното хуманитарно право и дали би можеле да претставуваат воени злосторства.
И покрај масовните антивладини протести во јануари, војната со САД поттикна многу Иранци да застанат зад државата.
Проширувањето на американските напади само по себе не покажува дека претстои американска копнена офанзива, но сведочи за ширење на конфликтот, чии последици сè повеќе ги чувствува цивилното население.
Дипломатијата служи за контрола
Суштината на конфликтот е во неспоивите цели: Вашингтон бара ограничување на иранската нуклеарна програма и регионалното влијание, Техеран ги смета за неопходни за безбедноста, додека, пак, Израел гледа закана во секое јакнење на Иран.
Затоа дипломатијата може привремено да ги намали тензиите, но не и да ги отстрани причините за судирот. Наместо голема регионална војна, можно е САД и Иран да влезат во долготраен циклус на контролирани ескалации и на кратки затишја.
Така, заклучува „Конверзејшн“, Трамп, кој вети крај на „бескрајните“ војни, би можел да стане симбол на траен конфликт, без јасен почеток и крај, поттикнуван од американскиот милитаризам и од стремежот кон глобална доминација.
ВИДЕО | САД со нови удари врз Иран — Трамп им ги посвети нападите на убиените американски војници


