ВИДЕО | Масовни протести во Њу Делхи: „Партијата на лебарките“ бара оставки, полицијата возвраќа со палки и со солзавец
Главна причина за протестите е скандалот со протечените прашања од медицинскиот приемен испит НЕЕТ, кој го полагаа околу 2,28 милиони кандидати. Испитот беше поништен и повторен, а семејствата тврдат дека повеќе од 20 студенти извршиле самоубиство поради последиците од скандалот.
Илјадници демонстранти повторно излегоа на улиците на Њу Делхи, еден ден по жестоката полициска интервенција против поддржувачите на Партијата на лебарките (ЦЈП), младинско движење што бара темелни реформи во образованието и оставка од министерот Дармендра Прадан, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Десетици илјади млади луѓе вчера се обидоа да стигнат до индискиот парламент, иако маршот беше забранет. Полицијата употреби палки и солзавец, а во судирите беа повредени најмалку 60 демонстранти. Безбедносните сили ги урнаа бината и импровизираните шатори поставени кај Џантар Мантар, традиционално место за протести во главниот град.
Според полицијата, во немирите биле повредени и 118 нејзини припадници, додека 70 демонстранти биле приведени. Учесници во протестот тврдат дека полицајците тепале и жени, а на социјалните мрежи се појавија снимки од повредени и онесвестени луѓе. Властите, пак, ги обвинија демонстрантите дека фрлале камења, ги пробивале барикадите и оштетувале службени возила и јавен имот.
Опозицискиот лидер Рахул Ганди застана зад студентите, оценувајќи дека нивните барања се оправдани. Во вторникот тој предводеше пратеници и членови на Конгресната партија кон домот на премиерот Нарендра Моди, барајќи одговорност за полициското насилство. Ганди повика на оставки од Моди и од министерот за внатрешни работи Амит Шах.
ЦЈП настана како сатирично движење откако претседателот на Врховниот суд ги нарече „лебарки“ невработените млади луѓе што се насочуваат кон новинарството и активизмот. Иако не е регистрирана како политичка партија, организацијата прерасна во силно протестно движење.
Демонстрантите веќе еден месец кампуваат кај Џантар Мантар. Дополнително внимание привлече активистот и просветен работник Сонам Вангчук, кој на 28 јуни започна штрајк со глад. Полицијата насилно го однесе во болница, каде што тој продолжува да гладува.
Главна причина за протестите е скандалот со протечените прашања од медицинскиот приемен испит НЕЕТ, кој го полагаа околу 2,28 милиони кандидати. Испитот беше поништен и повторен, а семејствата тврдат дека повеќе од 20 студенти извршиле самоубиство поради последиците од скандалот.
Министерот Прадан одбива да поднесе оставка и демонстрантите ги нарекува „деструктивни елементи“. ЦЈП, сепак, најавува дека нема да се повлече и ги повика граѓаните да продолжат со протестите.
ВИДЕО | Разорни монсуни во Индија: се сруши станбена зграда, четворица загинаа


