Диктаторот Ортега ги укинува изборите во Никарагва
Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, порача дека во земјата повеќе нема да се одржуваат избори, со што практично го поништи гласањето планирано за ноември 2027 година и најави продолжување на своето речиси две децении долго владеење, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Изјавата ја даде во неделата, за време на одбележувањето на годишнината од Сандинистичката револуција, со која во 1979 година беше соборена диктатурата на семејството Сомоза. Токму тогаш Ортега првпат дојде на власт, а на претседателската функција се врати во 2007 година.
– Повеќе нема да има избори. Приказната за партиите поставени од Јенките (Американците, н.з.) и од режимот на Сомоза повторно да дојдат на власт е завршена – рече Ортега.
Можноста за идно гласање ја отфрли со зборовите: „Никогаш, никогаш, никогаш“.
Следните избори требаше да се одржат во 2027 година, откако Конгресот, контролиран од власта, во јануари 2025 година го продолжи претседателскиот мандат од пет на шест години. Со последната изјава, Ортега ги урна и надежите на опозицијата дека ќе прифати демократски избори.
САД и Иран влегуваат во „маѓепсан круг“ на дипломатија и војна
Откако повторно ја презеде власта, Ортега го промени Уставот, ја задуши политичката конкуренција и воспостави контрола врз речиси сите државни институции. Со земјата управува заедно со сопругата Росарио Муриљо, која е копретседателка.
Нивното владеење дополнително се зацврсти по масовните протести во 2018 година. Безбедносните сили насилно ги задушија демонстрациите, при што загинаа стотици луѓе. На изборите во 2021 година Ортега се прогласи за победник откако претходно беа затворени кандидатите што можеа сериозно да му се спротивстават. Гласањето беше широко оценето како нелегитимно, а САД не го признаваат неговиот претседателски мандат.
Опозиционерите и организациите за човекови права сметаат дека укинувањето на изборите означува ново ниво на авторитаризам. Според аналитичарот Тицијано Бреда, власта стравува дека и најмало политичко отворање би можело да предизвика незадоволство и да ја загрози нејзината позиција.
Во Никарагва моментално има најмалку 46 политички затвореници, иако властите го негираат тоа. Во последните години стотици активисти, верски водачи и политичари беа ослободени и протерани во САД и во Гватемала, а на многумина им беа одземени државјанството и имотот. Од 2018 година владата затвори повеќе од 5.000 организации и принуди илјадници граѓани да ја напуштат земјата.
ВИДЕО | САД со нови удари врз Иран — Трамп им ги посвети нападите на убиените американски војници


