Остров Аогашима / Фото: Wikimedia commons / Maps and Aerial Photographs Browsing Service

Живот на активен вулкан — ова е необичен остров каде што живеат само 170 луѓе во изолација

Скриен во Филипинското Море, околу 350 километри јужно од Токио, Аогашима е еден од најнеобичните населени острови во Јапонија. Создаден по голема вулканска ерупција пред неколку векови, тој е уникатен по тоа што неговите жители живеат во средината на вулкански пејзаж, во непосредна близина на активен вулкан.

На островот живеат околу 170 жители, опкружени со бујна вегетација, топли извори и стрмни карпи што се спуштаат во морето. Островот Аогашима е долг околу 3,5 километри и широк 2,5 километри, пишува „Пун куфер“.

И покрај изолацијата и активното вулканско минато, жителите изградиле мирен и одржлив начин на живот. Геотермалната енергија од вулканот се користи за греење и готвење, додека повеќето се занимаваат со земјоделство и риболов. На островот има модерно основно училиште и пошта, која е отворена дури и во сабота и за време на државните празници.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by comloy.jp (@comloy_jp)

Но, до Аогашима не е лесно да се стигне. Прво, треба да стигнете до островот Хачиџоџима со авион или брод (патувањето трае околу 11 часа), а потоа да го продолжите патувањето со хеликоптер, кој лета еднаш дневно и пристигнува за околу 20 минути, или со брод, кој работи три до четирипати неделно, но само кога временските услови дозволуваат.

Бидејќи малку туристи одлучуваат да го посетат ова оддалечено место, мештаните секогаш им пружаат топло добредојде. Шетајќи низ островот можете да видите куќи скриени во зеленило, мали продавници за саке и традиционални јапонски ресторани – изакаја.

Особено познато е локалното шочу, јапонски алкохолен пијалак направен од сладок компир, кој често се служи со сашими (јапонски деликатес кој се состои од свежа сурова риба или друго сурово месо на тенки парчиња и често се јаде со соја сос ) и зачинет сос од црвена пиперка познат како шимадаре.

Фото: Wikimedia commons / Soica2001

Посетителите можат да кампуваат во областа Икеносава или да престојуваат во миншуку, традиционален сместувачки капацитет во домовите на локалните жители, што овозможува автентично искуство од животот на островот.

Аогашима е една од најнеобичните туристички дестинации во Јапонија. Сепак, ако некогаш се решите да го посетите овој остров, оставете неколку дополнителни денови во вашиот распоред, бидејќи враќањето зависи целосно од времето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот