Олимп, Грција - Фото: Wikimedia Commons/ kallerna

Планината на Зевс чека историска одлука — Олимп е кандидат за списокот на светско наследство на УНЕСКО

Највисоката планина во Грција, Олимп, е кандидат за впишување на Списокот на светско наследство на УНЕСКО како културно и природно богатство. За кандидатурата ќе расправа Комитетот за светско наследство на состанокот што се одржува во Бусан до 29 јули, пренесува „АП“.

Современа Грција се надева дека планината, која во античката митологија се смета за дом на дванаесетте олимписки богови, ќе добие дополнителна меѓународна заштита.

Олимп се издигнува на 2.918 метри надморска височина, а според античките преданија токму на неговите највисоки врвови, кои често се обвиени со магла, се наоѓал престолот на Зевс. 

Во образложението на кандидатурата се истакнува единствениот спој на митологијата, историјата, природните убавини и богатата разновидност на растителниот и животинскиот свет.

Археолошките истражувања на еден од пониските врвови откриле светилиште на отворено, каде што се пронајдени најстарите остатоци од хеленистичкиот период, кој траел од 323 до 30 година пред нашата ера.

Во грчката кандидатура се наведува дека постои можност токму тоа да е светилиштето што во вториот век го споменува Плутарх, пишувајќи за Зевс, свечените поворки и принесувањето животински жртви.

Планината го задржала своето духовно значење и во христијанскиот период. Капелата посветена на пророкот Илија, сместена на 2.803 метри надморска височина, се смета за највисока православна капела во светот. Во клисурата Енипеас се наоѓаат остатоците од манастир основан во 1542 година, како и пештерската капела на Свети Дионисиј со извор на кој му се припишуваат свети својства.

Градоначалникот на општината Дион-Олимп, Евангелос Геролиолиос, изјави: „Станува збор за место што ги обединува митологијата, историјата, богатата разновидност на живиот свет, исклучителната природна убавина и огромното културно значење.“

Тој додаде: „Впишувањето на списокот на светско наследство би било навистина големо признание што ги надминува не само локалните, туку и националните рамки.“

Сепак, исходот сè уште е неизвесен. Според нацрт-дневниот ред на состанокот во Бусан, Комитетот би можел да ја врати кандидатурата на Грција и да побара дополнителни појаснувања.

Во меѓувреме, локалните планински водичи предупредуваат дека евентуалното впишување на Олимп на Списокот на светско наследство би можело значително да го зголеми бројот на посетители. Поради тоа, сè посериозно се разгледуваат можности за ограничување на бројот на гости и воведување построги мерки за заштита на чувствителниот планински екосистем.

Парадата на гордоста во Амстердам е номинирана за листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот