Парадата на гордоста во Амстердам е номинирана за листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО
Холандската влада ја номинираше Парадата на гордоста во Амстердам за впишување на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, по препорака на Советот за култура, соопшти министерката за образование, култура и наука, Ријане Летсхерт, пренесува „Телеграф“.
Препорачано
Од неколкуте кандидати што влегоа во потесниот избор, токму оваа манифестација беше избрана како конечен предлог. Советот за култура образложи дека Холандија е меѓународно препознаена како предводник во областа на родовата еднаквост, еманципацијата на квир-заедницата и сексуалната слобода.
Парадата на гордоста во Амстердам е неделна манифестација основана во 1996 година, која привлекува стотици илјади посетители. Таа вклучува улични забави, изложби и културни настани, а кулминацијата е познатата парада со украсени бродови што пловат низ каналите на градот.
Организаторите ја поздравија номинацијата, истакнувајќи дека на неа се работело со години и дека можноста за кандидатура се појавува само еднаш на секои четири години.
„Конечно, сите услови се во наша полза“, изјави директорот на организацијата, Луциен Спе.
Следниот чекор е подготовка на номинациско досие, кое треба да биде едногласно одобрено од Советот на министри најдоцна до 31 март следната година, по што ќе биде доставено до УНЕСКО. Одлуката се очекува до крајот на 2028 година.
Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО опфаќа традиции, ритуали, занаети и изведбени уметности од целиот свет. Меѓу веќе впишаните примери се францускиот багет, јапонската калиграфија, реге-музиката од Јамајка, традиционалниот риболов на ракчиња на коњи во Белгија и човечките кули во Каталонија.
Доколку номинацијата биде успешна, Парадата на гордоста ќе им се придружи на други холандски традиции што веќе се на листата, како што се управувањето со историските ветерници, цветните паради и традиционалните системи за наводнување.
Интересно е што овој настан веќе е впишан на националната листа на нематеријално наследство на Холандија од 2019 година. Организаторите се надеваат дека УНЕСКО ќе го препознае не само како локален, туку како глобален феномен – под името „Парада на гордоста“ – со што би се отворила можност за вклучување и на земји каде ЛГБТ-заедницата нема целосна слобода на изразување.
Процесот на одлучување го води комитет составен од претставници на земјите членки на УНЕСКО, врз основа на мислења од експерти и невладини организации. Не постои формален механизам за вето, што значи дека номинацијата главно се оценува според почитувањето на човековите права и поддршката во земјата што ја предлага.
Холандија, која беше првата земја што го легализираше истополовиот брак, долго време важи за едно од најотворените општества за ЛГБТ-заедницата, со богата културна и ноќна сцена.
Организаторите истакнуваат дека ова признание не би било важно само за Амстердам, туку и за испраќање порака на поддршка до заедниците ширум светот.
„Некогаш бевме светилник на надеж, но сакаме тоа да стане реалност и за други земји“, порача Спе.


