Филмски грабеж во Словенија: ограбено е комбе за транспорт на пари, полицијата со хеликоптер ги бара крадците
Полицијата во словенечкиот град Копер започна обемна потрага во крајбрежната област, откако непознати сторители инсценирале филмски грабеж на возило за транспорт на пари во Изола, пренесува 24Ур.
Препорачано
Пријавата за грабеж била примена во 13:45 часот, кога е јавено дека од пред продавница во Изола неодредена количина готовина е украдена од специјализирано возило. Полицијата веднаш реагирала и го кренала нивото на тревога на максимум.
Веднаш биле поставени контролни пунктови и барикади на патот во пошироката област и на клучните патишта, а во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер којшто лета над регионот.
Службеници на Полициската управа во Копер и криминалистички истражители спроведуваат детална истрага на местото на настанот, собираат информации и се обидуваат да состават мозаик од овој грабеж.
Според најновите информации од терен што ги објавија медиумите во Словенија, истражителите ги пронашле првите траги што водат до потенцијалните бегалци.
Полицијата започна потрага по бел автомобил „пежо“ со италијански регистарски таблички, кој бил виден како се оддалечува со голема брзина во правец на границата со Италија веднаш по грабежот.
Полицијата упати официјален апел до јавноста и ги повика сите граѓани кои биле во Изола и забележале нешто сомнително или имаат конкретни информации за грабежот и движењето на осомничените, веднаш да го пријават на бројот 113.


