Тања Фајон, жртва на новата влада на Словенија: Јанез Јанша го блокираше нејзиното ново вработување на висока позиција во ЕУ
Фајон изрази жалење што дневната политика преовладува над националните и европските интереси, како и што Словенија ја изгубила можноста за толку висока застапеност во европската дипломатија.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во неделата вечерта ја известила поранешната министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, дека ја повлекува номинацијата за нејзино именување на позицијата специјален претставник на ЕУ за Сахел, објави словенечкиот портал 24Ур.
Препорачано
Ова следи по притисокот од новата влада на Словенија предводена од Јанез Јанша и Европската народна партија (ЕПП), групата на која припаѓа партијата на Јанша. Претходно, Јанша објави дека сагата околу назначувањето е завршена, бидејќи Министерството за надворешни работи проценило дека валидноста на номинацијата на Фајон е доведена во прашање.
Јанша ја потпиша коалицијата и порача: Секој што не е против нас, може да биде со нас
Фајон изрази жалење што дневната политика преовладува над националните и европските интереси, како и што Словенија ја изгубила можноста за толку висока застапеност во европската дипломатија.
„Ова не е првпат Словенија да изгуби значително влијание и, пред сè, углед поради домашни политички спорови“, предупреди таа.
При донесување кадровски одлуки, европските институции првенствено треба да ја оценуваат експертизата, искуството и резултатите на кандидатите и да се спротивстават на политичкиот притисок од поединечните национални влади, смета поранешната министерка за надворешни работи, а имајќи го предвид развојот на настаните, таа го смета ова за многу опасен преседан.
„Пред сè, личното дискредитирање на претставниците на словенечкото политичко раководство во главните градови на ЕУ што го доживеав е неприфатливо“, додаде таа.
Според неофицијалните информации што ги објави 24Ур, Калас веќе избрала нов кандидат за позицијата специјален претставник на ЕУ за Сахел. Се верува дека станува збор за данската дипломатка Биргите Нигард Маркусен.
Десницата се враќа на власт во Словенија — Јанша е номиниран за нов премиер


