Јанша ја потпиша коалицијата и порача: Секој што не е против нас, може да биде со нас
Лидерот на словенечката десница, Јанез Јанша, по потпишувањето на коалицискиот договор порача дека новата влада ќе се соочи со многу предизвици, но дека има капацитет да ги надмине.
Препорачано
Во видеообраќање на социјалните мрежи, тој рече дека задачата нема да биде лесна, но дека коалицијата располага со доволно знаење и храброст.
Според Јанша, коалициската програма треба да ѝ помогне на Словенија да излезе од, како што рече, натрупаните проблеми, бирократската заглавеност и прекумерната централизација. Тој ги повика сите „луѓе со добра волја“ да се вклучат во реализацијата на програмата, порачувајќи дека „секој, што не е против нас, може да биде со нас“.
Коалицискиот договор го потпишаа СДС, Демократите, НСи, СЛС и Фокус, а како главни приоритети ги наведуваат развојот, просперитетот, борбата против корупцијата, децентрализацијата и намалувањето на бирократијата.
Јанша е на чекор повторно да стане премиер на Словенија, откако неговата кандидатура завчера беше доставена до парламентот. Со тоа се отвора пат за формирање нова влада, речиси два месеца по парламентарните избори.
Јанша, кој досега трипати бил премиер, е номиниран од пратениците на неговата Словенечка демократска партија. Според словенечката јавна телевизија РТВ, тој има поддршка од 48 пратеници во 90-члениот парламент, што е доволно за избор.
Доколку биде потврден, Словенија ќе направи политички пресврт надесно по периодот на либералната влада на Роберт Голоб. Јанша, 67-годишен ветеран на словенечката политика, е познат како поддржувач на Доналд Трамп и близок сојузник на Виктор Орбан.
Голоб не успеа да состави нова либерална коалиција, што му овозможи на Јанша политичко враќање.
Десницата се враќа на власт во Словенија — Јанша е номиниран за нов премиер


