„Нема сфери на влијание“: Бугарија останува цврсто во ЕУ и во НАТО, тврди шефицата на дипломатијата
Бугарија ќе продолжи да ги смета Европската Унија и НАТО за најсоодветна рамка за заштита на своите национални интереси и нема да прифати свет заснован врз сфери на влијание или употреба на сила за прекројување на границите, изјави министерката за надворешни работи Велислава Петрова на отворањето на Годишната конференција на бугарските вонредни и ополномоштени амбасадори и постојани претставници во Софија.
Препорачано
Петрова рече дека владата добила јасен мандат од бугарските граѓани „да стави крај на периодот на неизвесност, да се оддалечи од надворешно влијание врз одлуките во надворешната политика и да ја претстави земјата како сигурен меѓународен партнер“, пренесе „Новините“.
– Бугарија мора да ги брани сопствените национални интереси, а истовремено да ги споделува вредностите и да придонесува кон сојузите во кои членува – рече таа.
Според министерката, меѓународните партнери на Бугарија веќе ја препознале владата како стабилен соговорник способен за развивање долгорочна соработка. Таа тврди дека земјата „има потенцијал да придонесе за безбедноста во Југоисточна Европа, регионалното енергетско и транспортно поврзување, заштитата на надворешните граници на Европската Унија и за пошироките европски напори за зајакнување на нејзината улога на глобалната сцена“.
Рускиот патријарх Кирил изрази подготвеност за дијалог со новоизбраниот папа и со Ватикан
„Оваа генерација го нема луксузот да ужива во стабилност“
Петрова предупреди дека сегашната генерација веројатно нема да ужива во истото ниво на стабилност и предвидливост што ги одбележувало претходните децении.
– Се чини дека нашата генерација нема да го има луксузот да живее во свет со јасно дефинирани блокови и заеднички интереси – рече таа, опишувајќи ја денешната меѓународна средина како сè понестабилна, потурбулентна и мултиполарна.
„Логика на силата“
Според министерката, глобалните односи сè повеќе се обликуваат според логиката на силата, наместо преку дипломатија и соработка. Во тој контекст, таа ја нагласи важноста на дипломатијата како средство за постигнување практични резултати, меѓу кои привлекување инвестиции, подобрување на конкурентноста на Бугарија и зајакнување на меѓународната позиција на земјата.
Меѓу приоритетите на владината надворешна политика, Петрова ја посочи заштитата на правата на историските и современите бугарски заедници во странство, како и подобрувањето на конзуларните услуги.
– Наша должност е да создадеме услови за секој што сака да се врати во татковината – рече таа.
Истовремено, владината надворешна политика предизвикува сè поголема дебата во Бугарија. Во центарот е односот кон војната во Украина и обидот на кабинетот да одржи рамнотежа меѓу обврските кон ЕУ и кон НАТО и очекувањата на дел од домашната јавност што има поблиски ставови кон Русија.
„Не ни е местото таму“: Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина


