Киднапиран Мундијал
Очигледно беше дека фудбалските правила можат да бидат (и беа) заобиколени на најбезобразен начин за да му се удоволи на моќник, без оглед на тоа колкава штета му се прави на спортот
Светското првенство во фудбал што штотуку заврши беше киднапирано и злоупотребено во повеќе наврати и на повеќе начини. Тоа е аспект за кој вреди да се кажат неколку зборови, откако сè е готово.
Препорачано
Очигледна беше желбата на домаќинот Доналд Трамп да го „измолзе“ Мундијалот максимално за свои политички цели и за промоциja на сопствената личност. Трамп направи тоа што замисли, со здушна помош на сервилната ФИФА.
Очигледна беше и определбата на ФИФА на чело со сè поконтроверзниот Џани Инфантино, да го комерцијализира Мундијалот во досега невидени размери, до степен самата игра да се поттурнува во втор план за сметка на што поголемо кеширање.
Очигледно беше и дека фудбалските правила можат да бидат (и беа) заобиколени на најбезобразен начин за да му се удоволи на моќник, без оглед на тоа колкава штета му се прави на спортот.
Трамп си поигруваше со ФИФА и со Мундијалот на начин на кој тој сметаше дека му служи нему и на неговите политички тенденции. Непријатно беше да се гледа начинот на кој Инфантино му удоволуваше на моќникот како на разгалено дете по цена на самопонижување и на понижување на спортот што го претставува.
Најочигледно беше тоа кога Трамп безобразно го „украде шоуто“ на доделувањето на трофејот по финалето, како тој да е поважен од сè. Масовните свирежи од трибините барем даваат надеж дека е прочитан.
На овој мундијал бевме сведоци и на неколку спорни ситуации што се однесуваа на делењето на правдата, кои сугерираа дека меѓу учесниците има тимови што се „прва лига“ и „втора лига“ односно дека, и покрај ВАР и сите совршени техники, кога е потребно, правилата може малку да се свиткаат во „посакувана“ насока. Тоа најдобро го почувствуваа Египет, Хрватска и уште некои… И правдата е релативна, тоа не е од сега, па така е и во фудбалот.
Меѓутоа случајот со „поништувањето“ на црвениот картон на американскиот репрезентативец Фоларин Балоган е досега незабележан срам во историјата на фудбалските натпреварувања на највисоко ниво, не само на мундијалите. Тоа беше толку безобѕирна демострација на злоупотребена моќ што светот остана вџасен од така очигледно делење на неправда, и тоа директно од кујната на ФИФА, организацијата што треба да се грижи за регуларноста.
Не беше воопшто скриено и дека ова очигледно кршење на правилата е изнудено по политичка интервенција. Срамен преседан. Впечаток е дека ако продолжи во оваа насока на кршење на сопствените правила, ФИФА изгледа ризикува да доведе до криза и расцеп во сопствената структура, што беше покажано од јасната и брза реакција на УЕФА и пораката што би ја сумирале во фразата „што е многу, многу е“, па и од ФИФА да е.
Овој мундијал креираше уште неколку контроверзии и скандали. Ако треба да се извлече една генерална оцена, фудбалот под водство на ФИФА се движи кон енормна комерцијализација, што меѓу другото се гледа и од идејата бројот на учеснички од 48 да се зголеми на 64.
Нема ништо лошо ако мундијалите креираат рекордни добивки ако инволвираат што поголем број репрезентации. Напротив. Нека се шири најпопуларниот спорт на светот, што носи радост на стотици милиони луѓе. Но, ако парите и политиката станат поважни од фудбалот, ФИФА ја сече гранката на која седи.
Мундијалот без сомнение ќе биде финансиски успех, досега невиден. Покрај тоа светот уживаше во фудбал на највисоко ниво, блескаа Меси, Мбапе, Халанд, Кејн… Без сомнение, квалитетот на овој спорт глобално расте, фаворитите не се сигурни и кога играат со најголемите аутсајдери.
Сепак, светската структура на моќ не се променила многу. Јасно е тоа ако се види кои беа полуфиналистите, финалистите и на крајот Шпанија, сосема заслужено и очекувано ја освои титулата. Шпанија беше истакнувана од повеќето стручни предвидувања пред стартот како прв фаворит за титулата. Плус, фаворитите број два и број три, Франција и Аргентина, играа во фајнал-фор. Овој пат експертите погодија.
Што се однесува до Македонија, гледајќи го Мундијалов јасно е дека остануваме најзафрлена периферија на светскиот фудбал, од каде што не сме мрднале. Дали овие генерации ќе доживеат да ја видат Македонија на мундијал? Како што стојат сега работите – многу веројатно не.
Не е тајна како треба да се работи за да се доближи една нација до учество на мундијал. Но ФФМ, оваа гарнитура, како и претходните, се чини дека не оди во тој правец. И таму политиката како да е вмешана и изнудува одлуки. Тоа само нè оддалечува од големите натпреварувања, од кои и онака реално сме многу далеку.


