Финансискиот аспект на Светското првенство — како фудбалот стана глобална индустрија?
Кога Родри ја подигна „Божицата“ кон небото во Њујорк, заврши уште еден Мундијал, но приказната што ја остави зад себе, покажува зошто фудбалот е повеќе од спорт. Ниту еден спортски настан не привлекува толкаво внимание како Светското првенство. Финалето на Мундијалот во 2026 година го следеа околу 1,8 милијарди луѓе, речиси една петтина од светската популација. На стадионите присуствуваа повеќе од 6,8 милиони навивачи, што претставува нов рекорд во историјата на натпреварувањето.
Препорачано
За споредба, отворањето на Олимписките игри го следат околу 774 милиони гледачи, додека Супербоулот достигнува публика од околу 125 милиони луѓе.
Иако американските лиги како НФЛ и НБА заработуваат повеќе на годишно ниво, тие се играат со месеци и вклучуваат стотици натпревари. Светското првенство трае само еден месец, а според приходите по натпревар нема вистинска конкуренција.
Фудбалот како глобална индустрија
Колку навистина вреди фудбалот? Тешко е да се даде прецизен одговор, но проценките покажуваат дека станува збор за една од најголемите индустрии на планетата.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, уште во 2022 година изјави дека фудбалот генерира околу 286 милијарди долари годишно. Доколку таа бројка е точна, тогаш фудбалската индустрија би се рангирала меѓу педесетте најголеми економии во светот.
Само европскиот фудбалски пазар, според анализите на „Deloitte“, во сезоната 2024/25 надмина 40 милијарди евра приходи. Најбогатите дваесет клуба генерираат повеќе од 11 милијарди евра на годишно ниво, што покажува дека богатството сè повеќе се концентрира кај мал број гиганти како Реал Мадрид, Манчестер сити, Баерн Минхен, Барселона и Ливерпул.
Но, со растот на финансиската моќ, растат и контроверзиите. На многумина, ова Светско првенство им остави горчлив вкус – тие сметаат дека ФИФА почнала да ја злоупотребува моќта и да ја расипува играта. Како примери ги посочуваат проширувањето на турнирот на 48 репрезентации, паузите за хидратација што отворија нов рекламен простор, како и контроверзните дисциплински одлуки, меѓу кои беше и укинувањето на суспензијата на Фоларин Балогун по јавната интервенција на американскиот претседател Доналд Трамп.
Од каде доаѓаат милијардите?
Во минатото клубовите зависеа од локалните навивачи и продажбата на билети. Сепак, современиот фудбал одамна не живее само од билетите. Денес најголемиот дел од нивните приходи доаѓаат од телевизиските права, глобалните спонзорства, маркетингот, продажбата на дресови, дигиталните платформи и комерцијалните партнерства.
Телевизиските куќи вложуваат огромни суми за да ги обезбедат ексклузивните преноси на Светското првенство. Според „Finance Football“, ФИФА од Мундијалот во 2026 година генерира вкупни приходи од околу шест милијарди долари, а повеќе од 3,8 милијарди долари ќе дојдат токму од продажбата на медиумските права. Во споредба со Светското првенство во Катар во 2022 година, приходите од медиумските права се за околу 22,5 проценти повисоки, пред сè поради поголемиот број натпревари.
How much are World Cup broadcasting rights worth?#fifa #worldcup https://t.co/mXdkzi8PKc
— Finance Football ⚽️💶 (@FinanceFootball) July 4, 2026
ФИФА на Мундијалот ги воведе и паузите за хидратација, за кои Инфантино тврдеше дека немаат комерцијална позадина. Сепак, три триминутните прекини отворија нов рекламен простор за телевизиите и спонзорите.
Премиер лигата е најдобар пример кога се зборува за ТВ-правата. Нејзините приходи од меѓународните ТВ-права пораснаа од околу 500 милиони фунти во 2010 година на повеќе од 2,2 милијарди фунти денес.
Во последните години значително порасна и влијанието на стриминг платформите. Светското првенство во 2022 година генерираше околу пет милијарди дигитални интеракции, а бесплатните преноси преку интернет привлекуваат десетици милиони гледачи истовремено.
Дополнителен извор на приходи е и спортското обложување. Светскиот пазар за спортски облози годинава се проценува на повеќе од 120 милијарди долари, а речиси половина од сите облози се поврзани токму со фудбалот.
Дали Светското првенство навистина им се исплаќа на домаќините?
Иако се очекуваше огромен туристички бран, податоците покажаа дека туризмот во земјите домаќини речиси и не забележал значителен раст.
Хотелските цени и авионските билети не поскапеа значително, а малопродажбата растеше побавно од претходно. Здружението на хотели во Британска Колумбија пријави послаби резервации во јуни и јули и покрај седумте натпревари во Ванкувер, објаснувајќи дека побарувачката се концентрира само околу деновите на натпреварите, не низ целиот период. Во САД, пак, Американската асоцијација на хотели (AHLA) ја обвини ФИФА дека вештачки ја зголемила сликата за побарувачка со сопствени резервации – обвинение што ФИФА го отфрли.
WILD.
Hotels across multiple 2026 FIFA World Cup host cities are reportedly seeing major room cancellations from FIFA itself.
According to the AHLA, up to 70% of FIFA-reserved hotel rooms in Boston, Dallas, Los Angeles, Philadelphia and Seattle have been released back into the… pic.twitter.com/WNEhqZbaAJ
— USMNT Only (@usmntonly) May 20, 2026
Придобивки сепак имаше, особено за малите локални бизниси, рестораните и баровите. Но вистинската вредност на турнирот не се мери само преку приходите – останува отворено прашањето дали тие се доволни да ги оправдаат огромните јавни инвестиции на државите домаќини.
Новите пазари го менуваат светскиот фудбал
Иако Европа останува центарот на светскиот фудбал, конкуренцијата станува сè посериозна.
Саудиска Арабија инвестира милијарди долари во клубовите и инфраструктурата со јасна цел да стане нова фудбалска сила.
Во САД, каде фудбалот со децении беше во сенка на американскиот фудбал, кошарката и бејзболот, интересот продолжува да расте. Според истражување на „Gallup“, фудбалот сега е четвртиот најпопуларен професионален спорт во земјата, зад американскиот фудбал, бејзболот и кошарката, но пред мотоспортот и хокејот.
Повеќе натпревари, повеќе приходи… но и повеќе проблеми
Желбата за поголеми приходи доведе до постојано проширување на „календарот“.
Секоја нова промена носи дополнителни приходи, но и сè поголем товар за играчите.
Многу фудбалери денес одигруваат повеќе од 60 натпревари во една сезона. Стручњаците предупредуваат дека ваквиот распоред значително го зголемува ризикот од повреди, замор и психолошко прегорување.
Во исто време, дел од навивачите сметаат дека пренатрупаниот календар ја намалува ексклузивноста на најголемите натпреварувања.
Светското првенство е многу повеќе од спорт
Мундијалот покажа дека фудбалот одамна ги надминал границите на спортот – влијае врз урбаниот развој, туризмот, инфраструктурата и глобалната економија, а милиони луѓе го доживуваат и далеку од стадионите.
Меси: Трудот и посветеноста на тимот нè доведоа повторно да бидеме меѓу најдобрите во светот


