Почина Џим Гилстрап, гласот зад бројни хитови на Стиви Вондер
Американскиот соул и ар-ен-би пејач Џим Гилстрап, познат по долгогодишната соработка со Стиви Вондер, соло-хитот „Swing Your Daddy“ и изведбата на препознатливата насловна тема на култната телевизиска серија „Добри времиња“ (Good Times), почина на 18 јули на 79-годишна возраст, објави „Ролинг стоун“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според соопштението на неговото семејство, Гилстрап починал од природна смрт.
„Покрај бројните снимки и настапи, Џим беше почитуван од своите колеги поради професионалноста, скромноста, великодушноста и искрената љубов кон музиката. Иако многу од неговите најголеми придонеси останаа зад сцената, неговиот глас стана неизоставен дел од саундтракот на повеќе генерации“, се наведува во соопштението.
Кариерата ја започнал во 1960-тите како член на неколку вокални состави, а потоа станал дел од придружниот бенд на Стиви Вондер, „Вондерлав“. Учествувал на три негови албуми од почетокот на 1970-тите, меѓу кои и легендарните „Talking Book“ (1972) и „Innervisions“ (1973). Токму Гилстрап ги отпеал воведните стихови на хитот „You Are the Sunshine of My Life“, кој се искачи на првото место на американската листа „Билборд хот 100“.
Во 1975 година ја започнал солистичката кариера со песната „Swing Your Daddy“, која стана голем хит во Велика Британија и се најде меѓу десетте најслушани ар-ен-би песни во САД. Следната година го објави албумот „Love Talk“, но најголемиот дел од кариерата го посвети на студиската работа.
Како придружен вокал соработувал со бројни музички ѕвезди, меѓу кои Бил Витерс, Арета Френклин, Елтон Џон, Линда Ронштат, Џорџ Бенсон, Патрис Рашен, Пети Лабел, Витни Хјустон, Селин Дион, Мајкл Болтон, Лутер Вандрос, Рики Мартин и Кени Џи. Често работел и со Квинси Џонс, а неговиот глас може да се слушне и на легендарниот албум „Off the Wall“ на Мајкл Џексон.
И во подоцнежните години останал баран студиски музичар, па пеел и на албумот „808s & Heartbreak“ на Канје Вест, како и на деби-албумот на Хари Стајлс од 2017 година, вклучувајќи го и хитот „Sign of the Times“.
Покрај музичката кариера, Гилстрап остави значаен белег и во филмот и телевизијата. Во 1974 година, заедно со пејачката Блинки Вилијамс, ја сними темата за серијата „Добри времиња“, а неговиот глас се слуша и во филмскиот мјузикл „Брилијантин“ (Grease), анимираниот филм „Анастасија“ (Anastasia), повеќе музички проекти на „Дизни“, како и во неколку епизоди на анимираната серија „Симпсонови“ (The Simpsons).


