Идентични четворки родени во Австралија - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Идентични четворки родени во Австралија — чудо што се случува еднаш на 15 милиони бремености

Во Австралија, на средината на јули, природно се родија идентични четворки – исклучително редок случај што лекарите го опишуваат како речиси неверојатен. Четирите девојчиња се родени на 14 јули со царски рез, во 28. недела и четири дена од бременоста, во Кралската болница во Бризбејн. Станува збор за монозиготни четворки, што значи дека сите четири бебиња потекнуваат од една оплодена јајце-клетка која се поделила на четири ембриони, пишува „Би-би-си“.

Мајката, 34-годишната Џенитар Наамоана и нејзиниот сопруг веќе имаат четири деца, па веста дека очекуваат уште четири бебиња за нив била големо изненадување, соопштија од болницата.

Гинекологот Алекса Бендал, која ја следела бременоста од самиот почеток, истакна дека идентични четворки се појавуваат во просек еднаш на секои 15 милиони бремености.

„Но тоа што сите четири ја делеа истата постелка – тоа е нешто невидено“, изјави таа.

Лекарите објаснуваат дека ваквите бремености носат исклучително висок ризик. Поради тоа, Џенитар Наамоана била примена во болница уште во 25. недела од бременоста за да биде под постојан лекарски надзор. Докторката Бендал, специјалист по мајчинско-фетална медицина и акушерство, нагласи дека уште од почетокот нивната цел била бременоста да стигне најмалку до 28. недела.

„Од самиот почеток велевме дека ќе биде одлично ако успееме да стигнеме до 28. недела. Тоа што денес имаме четири прекрасни и здрави бебиња родени во 28. недела и четири дена е неверојатно и сите сме пресреќни што бевме дел од ова“, рече таа.

Едно од девојчињата го добило името по докторката Алекса, гест што таа го опиша како „прекрасен знак на благодарност“ од родителите. Останатите три девојчиња се викаат Емили, Хариет и Кетрин.

Докторката Бендал истакна дека Џенитар Наамоана уште од првиот ден останала смирена и позитивна.

„Џенитар од самиот почеток сè прифаќаше мирно. Успеа да ги избегне сите компликации и ризици, и за себе и за бебињата“, изјави таа.

Четирите новороденчиња ќе останат на Одделението за интензивна нега на новороденчиња сè додека не го достигнат терминот предвиден за раѓање. Според лекарите, нивната здравствена состојба засега е многу добра.

Семејството Наамоана веќе има четири деца на возраст од една до десет години. По раѓањето на четворките, мајката започнала интернет-кампања за собирање средства за купување комбе со најмалку десет седишта.

Во пораката објавена со кампањата таа напиша:

„Нашите четири драгоцени чуда безбедно пристигнаа. Од срце сме благодарни, но реалноста нè потсетува дека грижата за четири новороденчиња одеднаш носи предизвици какви што никогаш не сме можеле да замислиме.“

Досега семејството собрало повеќе од 37.000 австралиски долари, односно околу 21.000 евра.

Иако природно зачнатите четворки и онака се исклучително ретка појава, лекарите проценуваат дека веројатноста за такво раѓање изнесува приближно еден случај на 700.000 породувања. Случајот со идентични четворки што потекнуваат од една оплодена јајце-клетка и ја делеле истата постелка е уште поредок и претставува вистинска медицинска реткост.

Германска двојка очекува трет пар близнаци, а трудницата има и три деца од претходниот брак

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот