Музејот Лувр / Фото: Profimedia

По девет месеци од спектакуларниот грабеж — Галеријата „Аполон“ во Лувр повторно ќе биде отворена за посетители

Галеријата „Аполон“ во музејот Лувр во Париз, каде што во октомври минатата година беше извршен еден од најголемите грабежи на културно наследство во поновата историја на Франција, од среда повторно ќе биде отворена за посетители.

Како што објави АФП, во галеријата повеќе нема да бидат изложени француските кралски накити, туку таа повторно ќе ја има својата првобитна функција од 17 век – државна церемонијална галерија. На свеченото повторно отворање ќе присуствува и француската министерка за култура Катрин Пегар.

Претседателот на Лувр, Кристоф Лерибо, во интервју за „Ле Паризиен“ изјави дека сите скапоцени колекции и историски предмети што претходно биле изложени во Галеријата „Аполон“ се отстранети.

„Накитот што не беше украден ќе биде сместен во ново, високо обезбедено одделение, односно трезор без прозорци, во друг дел од музејот“, изјави Лерибо.

Тој додаде дека станува збор за голем градежен проект, за кој сè уште се бара најсоодветната локација, како и финансиски средства за неговата реализација.

Според него, целта е преостанатите историски богатства да бидат изложени во значително побезбедни услови, по безбедносните пропусти што беа откриени по минатогодишниот грабеж.

Кражбата во музејот Лувр во Париз / Фото: Dimitar DILKOFF / AFP / Profimedia

Галеријата останува без кралските накити

Кражбата предизвика големи промени и во управувањето со најпознатиот музеј во светот. По грабежот, долгогодишната претседателка на Лувр, Лоренс де Кар, беше заменета со Кристоф Лерибо.

Во меѓувреме, парламентарна комисија што ја испитуваше безбедноста на француските музеи заклучи дека прашањата поврзани со обезбедувањето на Лувр со години биле ставени во втор план, иако музејот годишно го посетуваат околу девет милиони луѓе.

Оштетената круна на царицата Ежени де Монтихо, која беше испуштена за време на грабежот во Галеријата „Аполон“ во музејот Лувр на 19 октомври 2025 година. Од музејот соопштија дека круната ја задржала речиси целосната структура и дека ќе биде целосно реставрирана / Фото: Profimedia

Спектакуларен грабеж што ја разоткри безбедноста на Лувр

На 19 октомври 2025 година, четворица разбојници, преправени во градежни работници, извршија спектакуларен грабеж во Галеријата „Аполон“. Користејќи камион со подвижна платформа, тие се искачиле до прозорец на првиот кат, го пресекле стаклото и за помалку од осум минути успеале да украдат осум парчиња од француските кралски накити, чија вредност се проценува на околу 88 милиони евра.

Меѓу украдените предмети имало тијари, ѓердани, обетки и украсни брошеви што им припаѓале на француските кралици и царици. При бегството, разбојниците ја испуштиле круната на царицата Ежени, која подоцна била пронајдена тешко оштетена, додека останатите украдени предмети и денес не се пронајдени.

Истрагата доведе до апсење на повеќе осомничени, а против дел од нив беа поднесени обвиненија за организирана кражба и злосторничко здружување. Сепак, најголемиот дел од украдените кралски накити останува исчезнат.

Грабежот ја шокираше Франција и светската јавност, а истрагата откри сериозни безбедносни слабости во Лувр, меѓу кои недоволна покриеност со видеонадзор, пропусти во системите за обезбедување и доцнење во спроведувањето на препораките од претходните безбедносни проверки. Токму поради тие сознанија, музејот започна со сеопфатна реорганизација на начинот на кој ќе ги чува највредните експонати во својата колекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот