ВИДЕО | Разнесувач на храна освои една од најпрестижните книжевни награди во Кина
Збирка поезија, чии стихови во главно биле запишувани на обични ливчиња хартија во паузите меѓу две нарачки, му ја донесе на Ванг Џибинг една од највисоките книжевни почести во Кина. Неговото дело насловено „Низок лет“, инспирирано од секојдневните предизвици со кои се соочуваат доставувачите, ја освои престижната книжевна награда „Лу Џун“, именувана по авторот кој се смета за татко на модерната кинеска литература, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Овој 56-годишен маж, кој почнал да работи како доставувач на храна во 2019 година, веќе подолго време привлекуваше внимание на социјалните мрежи со своите песни и есеи. Тој е дел од сè поголемата група „синокошулаши“ и физички работници кои доживуваат вистинско признание во кинескиот литературен свет, нудејќи му на општеството автентичен поглед во огромниот притисок и борбата за егзистенција во модерната економија.
За Ванг, оваа награда доаѓа по неколку исклучително тешки децении исполнети со макотрпна физичка работа. Роден во провинцијата Џиангсу, тој бил принуден да го напушти училиштето уште како тинејџер поради тешката финансиска состојба во неговото семејство, по што работел на градилишта, собирал отпад и продавал роба на улични тезги.
И покрај тешкиот живот, неговата љубов кон читањето и пишувањето никогаш не згаснала. Во 2022 година, неговата песна „Човек во брзање“, инспирирана од фрустрирачка ситуација кога со часови барал погрешна адреса на клиент, стана вирален хит на интернетот, што минатата година резултираше и со издавање на неговата прва официјална збирка поезија.
Неговата наградена книга „Низок лет“ всушност е производ на интервјуа и анкети кои самиот ги направил со околу 200 негови колеги доставувачи, преточувајќи ги нивните животни приказни во стихови.
View this post on Instagram
И покрај огромниот успех и медиумското внимание кое му создало голем психички притисок, скромниот Ванг изјави дека нема намера да ја напушти својата работа и дека планира да разнесува храна сè додека не наполни 60 години, нагласувајќи дека сака да остане приземен и дека наградата нема да го промени неговиот карактер.
Кинеската јавност веќе неколку години со одушевување ги прифаќа ваквите дела, како што беше случајот и со мемоарите на поранешен курир кои станаа бестселер и надвор од Кина, што покажува дека гласот на обичниот работник сè посилно одекнува во современата култура.
ФОТО+ВИДЕО | Репортажа од Ченгду: љубовта може да ја најдете на оглас во парк


