ФОТО+ВИДЕО | Репортажа од Ченгду: љубовта може да ја најдете на оглас во парк
Од чајџилници и будистички храмови до брачни огласи, панди и барови, сечуанската престолнина е дуализам меѓу традицијата и современиот живот.
Ченгду е познат како „градот на пандите“, обележје со кое се гордее, а нивниот лик се среќава насекаде – на привезоци, мурали, на инсталации. Луѓе одат да ги видат во Истражувачката база за одгледување џиновски панди, приоритет на „Списокот на нешта што треба да се направат во градот“.
Препорачано
Сепак, главниот град на кинеската провинција Сечуан е шарен, мириса на јасмин, изобилува со улички, пазарчиња, џиџимиџарници, чајџилници и со паркови. Жив, со стари градби, но и со огромни и современи трговски центри, Ченгду е топол и човечен, а луѓето не ми изгледаа како постојано да брзаат некаде за разлика од Пекинг.

Комплексот „Џинли“ најдобро ја отсликува еклектичната естетика на градот. Изграден во стилот на архитектурата од доцната династија Ќинг, овој дел е исполнет со тесни улички, со продавници за чаеви, традиционални инструменти, сувенири, оризово вино… На едно ќоше може да начекате уличен настап, а на друго локал со традиционални театарски изведби. Во продавниците се продава облека од шу-брокат, сечуански свилен материјал познат по силните бои и по издржливата структура. Овој материјал се ткае со посебна техника која е впишана како кинеско национално нематеријално културно наследство.
Илјадници години историја
Сечуанската престолнина има околу 21,5 милиони жители и е еден од главните економски и технолошки центри во западниот дел на Кина. Градот има долга и богата историја, а некогаш бил средиште на древната држава Шу. За време на династијата Северен Сунг, тука се појавиле парите „џиаоци“ — најраната позната книжна валута во светот.
Ченгду е и центар на сечуанската кујна, а во 2010 година стана првиот азиски град прогласен од УНЕСКО за Креативен град на гастрономијата. Оваа кујна има многу карактеристики, а еден од нејзините најпрепознатливи вкусови доаѓа од сечуанскиот бибер, кој честопати се комбинира со лути пиперки. Оние што се по чајот мора да ја посетат чајџилницата „Хеминг“ во Народниот парк, со бамбусови маси и со столови поставени под дрвјата. Местото е добро за куса пауза во денот.
Огласи за склучување брак
Во Народниот парк се наоѓа и таканаречениот „агол за посредување при склучување брак“. На поставени рамки меѓу дрвјата висат листови на кои луѓе се претставуваат себеси или своите деца и оставаат податоци за контакт. Формуларите за жени се розови, а за мажи сини.
Пример, на еден од листовите пишува дека станува збор за невенчана жена, наведено е кога е родена, колку е висока и каде живее.

Според податоците, девојката има средна градба, убав изглед, ведар карактер и стабилни емоции. Има силно чувство за одговорност и добри комуникациски способности. Поседува автомобил и стан.
Таа бара идниот партнер да биде над одредена возраст, со одредена височина, средна градба, факултетско образование, ведар карактер и со стабилни емоции. Треба да биде одговорен, амбициозен, со стабилна работа… Има уште неколку критериуми што треба да ги задоволи.
Телефонскиот број за контакт е напишан најдолу.
Трите бодисатви во „Веншу“
Ченгду има и богата будистичка традиција, а манастирот „Веншу“ е туристичка атракција, но и место на кое многу верници доаѓаат да се молат. Комплексот е поделен на повеќе дворови со дрвени градби, простории за монасите и места на кои верниците горат темјан и се молат.
Манастирот има историја подолга од 1.400 години. Првичниот храм бил изграден во времето на династијата Суеј, а денешниот комплекс во голема мера го задржува архитектонскиот изглед оформен за време на династијата Ќинг. „Веншу“ припаѓа на чан-будизмот, кинеската традиција од која подоцна се развил јапонскиот зен.
Во храмот се наоѓаат бронзени претстави на бодисатвите Гуанињ, Веншу и на Пушјен. Во махајанскиот будизам, бодисатва е суштество што се стреми кон просветлување, но истовремено им помага и на другите да се ослободат од страдањето. Гуанињ го симболизира сочувството, Веншу мудроста, а Пушјен духовното дејствување, добрите дела и исполнувањето на будистичките завети.
Златни мајмуни, црно-бели и црвени панди
За оние што не сакаат да ја пропуштат главната одлика на градот, Истражувачката база за одгледување џиновски панди е огромен комплекс со зеленило и со патеки за посетителите. Тука има и црвени панди и сечуански златни мајмуни.
Базата, покрај тоа што е отворена за посетители, служи за згрижување, размножување и за научно проучување на овие ретки и загрозени животни.
Луксуз и ноќен живот
Ченгду има и современи луксузни трговски центри. Од „Пијаже“ до „Картие“, присутни се голем број познати луксузни брендови. Голема атракција е трговскиот центар „Ченгду ИФС” во строгиот центар на градот, со инсталација од огромна панда што се искачува по фасадата. Од улицата се гледа нејзиниот грб, додека, пак, главата излегува над покривната градина на седмиот кат.
Ноќе се палат светла, огромни екрани и фасадни проекции. На зградите се прикажуваат видеа и анимации, а градот добива естетика што потсетува на сајберпанк филмовите. Сличен визуелен впечаток оставаат и другите големи кинески градови кои ги посетив — Пекинг, Шенжен и Гуангџоу — бидејќи станува збор за честа карактеристика на современиот кинески урбан простор.

Познато место за ноќниот живот е т.н. „Улица на баровите“ покрај реката Џинџијанг, каде што локалите се наредени еднододруго. Во некои се слуша романтична музика и најчесто пее девојка, додека, пак, во други има сценски настапи кои се доста слободни и експресивни.
Традиционално чистење на ушите на улица
На улиците може да се види нешто малку чудно за нашиот менталитет, а тоа е традиционалното чистење уши. Со долги и тенки инструменти ви ги вадат нечистотиите од увото, а на камера во живо можете да гледате што се случува внатре.
Интересен факт, малку попријатен од претходниот, е дека гинкото е официјалното градско дрво на Ченгду уште од 1983 година и е препознатлив дел од неговиот урбан пејзаж.
Ченгду е разновиден „оброк“ што лесно се дигестира, не заситува, но е обилен.


