Гасот повторно станува најголемата енергетска грижа во Европа
Студената завршница на зимата ги испразни европските резерви на гас повеќе од вообичаено, а нивното повторно полнење ова лето се одвива побавно поради високите цени и геополитичката нестабилност.
Европската Унија ова лето значително побавно ги полни складиштата со природен гас во споредба со претходните години. Причините се студената завршница на зимата, повисоките цени на енергенсите и нестабилноста на Блискиот Исток, која повторно создаде притисок врз светскиот пазар. Иако европските институции уверуваат дека нема непосреден ризик за снабдувањето, исполнувањето на целите до почетокот на зимата ќе биде потешко од очекуваното. Австрија засега останува во релативно стабилна позиција, иако резервите се пониски отколку пред една година.
Препорачано
Резервите се под нивото од претходните години
Според најновите податоци, на 15 јули складиштата со гас во Европската Унија ce исполнети 52,52 проценти. Тоа е значително под просекот од 67,5 проценти регистриран во истиот период од 2020 до 2024 година. Во Австрија исполнетоста изнесува 57,43 проценти, односно околу 58 терават часови природен гас. Во истиот период лани резервите достигнувале 68,8 проценти.
Причината за ваквата состојба лежи во студената завршница на зимата, кога земјите морале повеќе да ги користат складираните резерви. До крајот на март исполнетоста на европските складишта падна на само 28 проценти, што е најниско ниво во последните кризни години. Затоа ова лето треба да се надополни значително поголема количина гас отколку вообичаено.
Војната и цените го отежнуваат полнењето
Дополнителен проблем создадоа случувањата на Блискиот Исток. Ормускиот Теснец е еден од најважните светски енергетски коридори, бидејќи низ него минува околу една петтина од светската трговија со природен гас. Поради безбедносната состојба, увозот на течен природен гас во Европската Унија од Блискиот и Средниот Исток меѓу јануари и мај се намалил за повеќе од половина.
Истовремено повторно пораснаа цените на гасот. На европската берза ТТФ цената за непосредна испорака надмина 50 евра за мегават час. Тоа е речиси една третина повеќе отколку во јуни годинава. Пред конфликтот со Иран цената изнесуваше околу 30 евра, а во периодот на најсилната ескалација достигна и 60 евра за мегават час.
На последниот состанок на експертската група за енергетика при Европската Унија, експертите оцениле дека засега нема непосредна опасност за сигурноста на снабдувањето, иако внимателно ги следат случувањата на светскиот пазар.
Целта останува достижна, но со мала резерва
Според важечките европски правила, земјите членки треба до почетокот на зимата да обезбедат исполнетост на складиштата од 80 проценти. Претходната цел од 90 проценти беше намалена за да им се овозможи поголема флексибилност на државите кога условите на пазарот се неповолни.
Според пресметките на базата „Глобал Енерџи Флоу“, доколку сегашното темпо продолжи, европските складишта во ноември би достигнале околу 81 процент исполнетост. Тоа значи дека целта најверојатно ќе биде исполнета, но со многу мала безбедносна резерва.
Европската агенција за енергетска регулација предупредува дека повисоките цени го намалуваат интересот за брзо полнење на складиштата. Според експертката на австриската „Е- Контрол“, Карола Милграм, разликата меѓу летните и зимските цени оваа година е премногу мала за да ги поттикне трговците да купуваат големи количини гас уште во текот на летото. За Австрија дополнителна сигурност претставува продолжувањето на стратешката државна резерва од 20 терават часови. Иако европските експерти сметаат дека снабдувањето останува стабилно, предупредуваат дека нови геополитички потреси би можеле повторно да ја променат состојбата.


