Судот конечно му ја исполни „желбата“ на премиерот – Мицкоски задоволен за „Палатата“, воздржан за Груевски
Конечно судот, што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда што е во согласност на правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните. Можам да кажам дека конечно правдата е задоволена за ВМРО-ДПМНЕ, изјави премиерот.
Со ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за „Талир 2“, со која падна и барањето на конфискацијата на „Белата палата“ и другите партиски седишта се исполни желбата на премиерот Христијан Мицкоски, кој постојано повторуваше дека имотот на партијата неправедно е замрзнат осум години во постапките што се водат против партијата. Додека лани владејачката партија бараше од Судскиот совет да ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска бидејќи на Васил Јованов – возачот што ја усмрти Фросина Кулакова, му одредила воспитна мерка за делата за кои бил гонет, сега пресудата што ја изрече истата судијка за премиерот е „конечно задоволена правда за ВМРО-ДПМНЕ“.
Препорачано
Експремиерот Никола Груевски е ослободен во случајот „Талир 2“
– Мојот став е многу јасен. ВМРО-ДПМНЕ во тој период кога беше предмет на политички прогон и би рекол еден вид агресија од претходната влада, измислија случаи што не постојат, како што е „Талир 1“ и „Талир 2“. Конечно судот, што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда што е во согласност со правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните. Можам да кажам дека конечно правдата е задоволена за ВМРО-ДПМНЕ- рече Мицкоски – одговарајќи на новинарски прашања.
За ослободителната пресуда за Груевски беше воздржан и како и судијката рече дека е последица на измените на Кривичниот законик кои ги донела претходната влада, предводена од СДСМ и ДУИ.
– И како резултат на тие законски измени, ние кажавме во минатото многу политички амнестии имаше, но многу политички амнестии ќе следуваат. За жал, кога еднаш ќе направите грешка, таа грешка потоа станува правило и ве следи – порача премиерот.
Токму тој не пропушташе можност да каже дека обвинителката што ги водеше овие случаи Ленче Ристоска неправедно им го држи имотот на партијата со години. Со доаѓањето на републичкиот обвинител Ненад Савески, кој донесе одлука да им ги одземе овластувањата на обвинителите што водат предмети што не им се од нивното матично обвинителство, Ристоска остана без овие предмети и си поднесе оставка од функцијата обвинител. Предметот го презеде обвинителот Кристијан Смилевски и не го измени обвинението, ниту ги повлече мерките за партиските седишта, но по пресудата не даде ниту една изјава за јавноста.
Обвинителството не коментира пресуди
Од Обвинителството за „Слободен печат“ рекоа дека не коментираат пресуди, а дали ќе биде поднесена жалба на одлуката, сè уште не одлучиле.
– Ако има основ за жалба, се вложува жалба, како и за секој предмет – велат од Обвинителството.
Судијката вчера не прецизираше кога ќе биде одмрзнат партискиот имот на порано најбогатата партија во Европа, но логично е тоа да се случи откако пресудата ќе стане правосилна, односно ќе ја потврди Апелација, доколку обвинителството поднесе жалба. Предметот секако застарува по месец и половина, па сè поизвесно е дека ќе се одмрзнат партиските седишта.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска порача дека по ослободителната пресуда, јасно е зошто ја тргнаа обвинителката Ристоска.
Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите
– „Белата палата“ вредна 14 милиони евра и другиот партиски имот во вредност од 2 милиони евра се повторно во рацете на ВМРО. Така изгледа кога криминална организација е на власт и го контролира судството, таа се грижи само за себе и да ги спаси своите од одговорност. Прво се отстрани обвинителката што со години ги водеше предметите за незаконското финансирање и криминалниот имот на ВМРО. Потоа се постави обвинителство по мера на власта, на телефонска линија со Мицкоски. Тој им диктираше насоки по телефон, им делеше задачи со чувства од собраниската говорница, од телевизија. Сега Груевски, човекот што избега во Унгарија, и понатаму продолжува да ужива, без да се соочи со одговорноста само поради Христијан Мицкоски. Мицкоски не бара негова екстрадиција, не ги испраќа документите што со месеци патуваа од една до друга институција и никогаш не беа испратени. Намерно. Ова е свесна заштита на Никола Груевски, најголемиот симбол на криминалот и на корупцијата во Македонија – рече Кузеска.
Судијката ја образложи ослободителната пресуда како резултат исклучиво на измените на Кривичниот законик од 2023 година.
Според Судот, и покрај измените на обвинението, доказите и утврдените факти останале непроменети, но Обвинителството не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека Груевски го сторил делото пречекорување на службените овластувања, односно не ги изменил доказите ниту завршниот збор.
Иако претходно истите докази биле доволни за да се утврди злоупотреба на службената положба, по законските измени, според судот, тие не биле доволни за да се докаже кривичното дело пречекорување на службените овластувања.
Левица со критики и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ
Левица, пак, тврди дека ослободителната пресуда за Груевски е епилог на политички договор склучен во Собранието во 2023 година.
– СДСМ и ДПМНЕ со години се претставуваат како непомирливи политички противници. Едните со години ја градеа својата политика врз ветувања за расчистување со криминалот од времето на Груевски, другите тврдеа дека станува збор за политички монтирани процеси. Но, кога на маса дојде Кривичниот законик, разликите исчезнаа. За неколку часови беше обезбедено она за што инаку со месеци не можат да постигнат договор – закон што директно ги засегаше предметите против високи функционери. Левица тогаш предупреди дека измените немаат никаква врска со европски реформи, туку со обезбедување заштита за политичката елита. Ослободителната пресуда во „Талир 2“ покажува зошто толку брзаа и зошто СДСМ и ДПМНЕ немаа проблем да седнат на иста маса. Кога се во прашање сопствените интереси, бипартизмот функционира беспрекорно. Денес корист имаат Груевски и ДПМНЕ. Утре истиот механизам ќе му биде на располагање за секој функционер од која било власт. Затоа измените на Кривичниот законик остануваат еден од нејасните докази дека, зад привидниот судир меѓу СДСМ и ДПМНЕ, постои долгогодишен консензус кога треба да се заштитат интересите на политичката елита – велат од Левица.
Предметот „Талир 2“ повторно беше отворен по одлуката на Апелацискиот суд од јануари 2024 година, кога првостепената пресуда беше укината поради измените на Кривичниот законик. Во првото судење, во 2022 година, Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, но постапката беше вратена на повторно судење.
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ го изгради компанијата „Бетон“, која во тоа време добивала тендери и спротивно на законите, ВМРО-ДПМНЕ стекнала над 8 милиони евра.


