Трајна забрана за влез и транзит: Косово ја прогласи министерката Пауновиќ за персона нон грата
Министерката за државна управа и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ, е прогласена за персона нон грата, со трајна забрана за влез или транзит низ Косово, објави министерот за внатрешни работи во Владата на Косово, Џелал Свечља, објавија косовските медиуми.
Препорачано
Пауновиќ во емисијата емитувана на 11 јули на ТВ Курир изјави:
„Да бев Слободан Милошевиќ, етнички ќе го исчистев Косово во 1998 година“.
Таа прецизираше дека нема да ги „ликвидира Албанците на начин на кој тие се обидуваат да го исчистат етничкото Косово до ден-денес, туку на начин што секој што се чувствува помалку како жител на Сојузна Република Југославија, ќе го напушти и ќе си оди во својата матична земја“.
Свечља оцени дека со оваа изјава, Пауновиќ потврдил „она од што Србија никогаш не се откажала – проектот за етничко чистење на Албанците“.
„Овој вид говор и овие искривени аспирации не се ништо ново. Тие претставуваат продолжение на државната политика која со децении произведува насилство, злосторства и обиди за истребување на Албанците од нивните домови“, напиша тој во објава на Фејсбук.
Тој додаде дека континуираната омраза, изразена со заканувачки тон кон Косово е неприфатлива и дека мора да биде строго санкционирана од демократските држави.
Изјавата на Пауновиќ беше осудена од портпаролката на Европската Унија, Анита Хипер, наведувајќи дека таа е „спротивна на вредностите на човековото достоинство, помирувањето, одговорноста и добрососедските односи врз кои се темели ЕУ“.
Студентите во блокадата, Движењето на слободни граѓани и Партијата на центарот на Србија ја осудија изјавата на министерката Пауновиќ и повикаа на политичка одговорност.
Скандалозна изјава на српска министерка: Етнички би го исчистила Косово во 1998 година


