Школа за „феминистичко драматуршко размислување“ се одржа во манастир — во срцето на патријархатот
Во периодот од 30 јуни до 7 јули, во комплексот на манастирот Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка, се одржаа паралелно два програми, третото издание на Школата за феминистичко драматуршко размислување и пилот-програмата Лабораторија за курирање.
Препорачано
И двете се дел од Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини 5.0″, а организатор е здружението „Тиииит! Инк.”
Двете програми креираат заеднички простор за учење и размена меѓу уметници, кураторки, истражувачки и културни работнички. Учесниците во Школата за феминистичко драматуршко размислување работеа со Билјана Радиноска, Теа Хвала и Стелан Велоче, додека Лабораторијата за курирање ја водеа Тиа Чичек и Лара Плавчак од SCCA-World of Art School, Леа Вене и Ана Ковачиќ од WHW/NOVAci, како и Марија Христова и Илија Прокопиев од PrivatePrint.
Според организатор(к)ите, седумте дена вклучиле работилници, предавања, практични вежби и колективни дискусии, дополнети со прошетки низ Осоговските Планини и средби со локалната заедница. Целта, според нив, е надминување на недостигот од формално образование во областа на современите изведувачки практики, преку теориски и практични знаења за развој на авторски и колаборативни дела низ феминистички драматуршки пристапи.
Ова е трет циклус на Школата, откако претходните изданија се одржаа во просториите на Архитектонскиот факултет во Скопје и во истиот манастирски комплекс минатата година.


