Сцена од претставата „Татко“ / Фотографија: Охридско лето

Големиот актерски бард Бајруш Мјаку на „Охридско лето“ одбележа 53 години плодна уметничка кариера

Првата театарска премиера на „Охридско лето“, драмата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, на 13 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ донесе извонредна актерска игра, известија од фестивалот.

Претставата „Татко“ е во продукција на „Театарот на еден актер“. Сценографијата ја изработи Енес Деари, а костимограф е Изет Цури.

Големиот бард во македонското глумиште, Бајруш Мјаку со овој театарски проект го заокружува своето 53-годишно патување во светот на уметноста придружуван од актерите Амернис Нокшиќи, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији.

– Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на таткото во драмата „Татко“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Главниот во семејството, таткото, ја губи сопругата и останува сам со својата ќерка. Во сообраќајна незгода умира и таа, но таткото заради болеста не знае и ја чека да се врати. На крајот и тој им се придружува. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и сè повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест – истакнал актерот Мјаку.

Првата соработка помеѓу него и режисерот Поповски се случила пред 25 години со „Дневникот на лудиот“ од Гогољ.

– Ова ми е десетти проект со продукцијата. Инаку, сите што сум ги реализирал досега, почнувајќи од „Дневникот на лудиот“, се покажаа како мошне успешни. Единаесеттиот проект ќе биде телевизискиот филм „Татковите книги“ од покојниот Луан Старова во режија и по сценарио на Русомир Богдановски – појаснил Мјаку.

Независната продукција „Театарот на еден актер“ – Скопје е една од најуспешните независни продукции во РС Македонија. Нејзините претстави досега се одиграни на бројни културни сцени во светот: Париз, Виена, Москва, Санкт Петербург, Киев, Истанбул, Адана, Кишињев, Скиен (Норвешка), Улан Батор, Њујорк и во многу други градови, известија од фестивалот „Охридско лето“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот