Ако земате антидепресиви, високите температури можат да бидат опасни – лекарите предупредуваат на овие симптоми
Лекарите предупредуваат дека лицата кои земаат одредени лекови за ментално здравје, особено антидепресиви и антипсихотици, треба да бидат особено внимателни за време на високи температури, бидејќи некои од овие медикаменти можат да ја намалат способноста на организмот да се разладува, пишува „Индепендент“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Станува збор, меѓу другото, за селективните инхибитори на повторното преземање на серотонин (ССРИ), кои се меѓу најчесто препишуваните антидепресиви, како и за одредени антипсихотици.
Според д-р Ник Бротон, директор за ментално здравје, интелектуални попречености и аутизам во Ен-ејч-ес Англија, луѓето кои користат вакви лекови треба да избегнуваат директно изложување на сонце, да внесуваат доволно течности и да ги следат препораките од својот лекар.
„Најважно е пациентите никогаш нагло да не ја прекинуваат терапијата. Доколку имаат какви било дилеми или проблеми, треба да се консултираат со својот лекар или фармацевт“, нагласува Бротон.
Според експертите, антидепресивите и антипсихотиците кај некои луѓе можат да предизвикаат чувство на прегреаност, вртоглавица, мачнина, главоболка и изразен замор. Тоа го зголемува ризикот од дехидрација, топлотна исцрпеност и топлотен удар.
Професорката Викторија Цорциу Браун, претседателка на Кралскиот колеџ на матични лекари, објаснува дека одредени антидепресиви, вклучително и ССРИ, можат да влијаат врз начинот на кој телото ја регулира температурата, потењето и хидратацијата.
За тоа сведочи и 22-годишната Магда Канецка, која зема и антидепресиви и антипсихотици. Како натпреварувачка во чирлидинг, таа голем дел од времето го поминува на отворено и вели дека за време на последните горештини доживеала сериозна топлотна исцрпеност.
„Имав чувство дека секој момент ќе се онесвестам. Спиев со часови, иако не бев уморна. Кога е многу топло, дури и наједноставно движење, како да посегнам по шише вода, може да ми предизвика силна вртоглавица или болка во слепоочниците слична на мигрена“, раскажува таа.
Канецка вели дека со текот на годините научила како подобро да се справува со високите температури, но предупредува дека лицата кои неодамна почнале со ваква терапија честопати не се свесни колку жештината може да влијае врз нив.
Експертите советуваат лицата кои користат антидепресиви или антипсихотици редовно да пијат вода, да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот, да носат лесна и проветрувачка облека и да побараат медицински совет доколку почувствуваат симптоми како силна вртоглавица, конфузија или знаци на топлотна исцрпеност.
Психијатрите нагласуваат дека проблемите со поднесувањето на високите температури не значат дека овие лекови се небезбедни, туку дека е потребна дополнителна претпазливост во текот на жешките денови.
Секој десетти тинејџер има пробано дијазепам, лексилиум или хелекс


