Многумина не можат да заспијат без слушалки, но малкумина знаат колку опасна може да биде оваа навика
Ако не можете да заспиете без звукот на дожд, морски бранови, бел шум или омилената плејлиста, не сте единствени. Во последните години слушалките станаа речиси неизбежен дел од вечерната рутина на многу луѓе. Некому му помагаат да го пригуши сообраќајот, друг да не го слуша партнерот како ‘рчи, а за многумина тие се начин полесно да се опуштат по напорниот ден.
Препорачано
Но, дали е безбедно да заспивате со слушалки? Аудиологот д-р Валери Павлович Раф од Клиниката во Кливленд вели дека слушалките можат да бидат корисни, но само ако се користат правилно и умерено.
Помагаат полесно да заспиете
Смирувачките звуци можат да му помогнат на мозокот полесно да премине од будна состојба во сон. Без разлика дали станува збор за тивка музика, дожд, шумолење на море или бел шум, ваквите звуци ги маскираат непријатните звуци од околината и создаваат чувство на смиреност.
Ова особено им користи на луѓето што живеат покрај прометни улици, имаат партнер што ‘рчи или ги будат соседите и другите ноќни звуци.
Кај лицата што страдаат од тинитус – постојано зуење или шум во ушите – смирувачките звуци можат привремено да ги ублажат симптомите така што ќе ги прикријат. Освен тоа, слушањето исти релаксирачки звуци секоја вечер може да стане дел од здравата рутина пред спиење, која е важен предуслов за квалитетен сон.
Кои се ризиците?
И покрај придобивките, експертите предупредуваат дека постојат и одредени ризици.
Најголемата опасност е оштетување на слухот. Ако со часови слушате музика или други звуци со преголема јачина, чувствителните клетки во внатрешното уво постепено можат да се оштетат, што со текот на времето може да доведе до намален слух.
Друг проблем е ушниот восок. Бидејќи слушалките влегуваат во ушниот канал, можат да го потиснат восокот подлабоко, што предизвикува чувство на затнато уво, привремено намален слух или зуење. Во некои случаи е потребна и лекарска интервенција за негово отстранување.
Доколку заспивате со слушалки веднаш по туширање или се потите во текот на ноќта, влагата што останува во ушниот канал создава идеални услови за развој на бактерии и појава на воспаление на надворешното уво.
Проблем можат да имаат и луѓето што спијат на страна. Во таа положба слушалките со часови притискаат врз ушната школка и кожата на ушниот канал, што може да предизвика болка, иритација, па дури и мали повреди, особено ако не се соодветна големина.
Експертите предупредуваат и на безбедносниот аспект. Слушалките со активно поништување на бучавата можат целосно да ги блокираат звуците од околината, па можеби нема да слушнете аларм, телефонски повик или друга итна ситуација.
Како побезбедно да ги користите?
Ако сепак не можете да заспиете без слушалки, неколку едноставни навики можат значително да го намалат ризикот.
Пред сè, држете ја јачината на звукот што е можно пониско. Според препораките, таа не треба да надминува околу половина од максималната јачина – доволно тивко за и понатаму да можете да слушнете ако некој ви се обрати.
Корисно е да поставите и тајмер, за музиката или белиот шум автоматски да се исклучат откако ќе заспиете, наместо да свират цела ноќ.
Доколку не е неопходно, избегнувајте целосно поништување на околната бучава, особено ако живеете сами или треба да слушнете аларм.
Подеднакво важно е и редовното чистење на слушалките. На нив се собираат ушен восок, пот, маснотии и бактерии, што го зголемува ризикот од иритации и инфекции. Стручњаците препорачуваат да се чистат најмалку еднаш неделно, а по потреба и почесто.
Аудиолозите сметаат дека слушалките што не влегуваат во ушниот канал се побезбедна опција од малите безжични слушалки што се ставаат во увото.
Доколку сакате целосно да ги избегнете овие ризици, наједноставното решение е смирувачките звуци да ги пуштате преку мал звучник поставен покрај креветот. Така ќе можете да уживате во музиката или белиот шум, без притисок врз ушниот канал, со помал ризик од инфекции и полесна контрола на јачината на звукот.
Темната страна на слушалките: Колку нѐ „чини“ дигиталната тишина?


