Собрание / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Реконструкцијата на Владата можност за средба меѓу Филипче, Ахмети и Апасиев

Нема потврда дали опозициските лидери ќе го искористат присуството во Собранието на седницата за реконструкција на Владата за да разговараат за последната понуда на Мицкоски за изборната регулатива

Се прават напори опозициските лидери Венко Филипче, Али Ахмети, Димитар Апасиев и Зијадин Села в понеделник, за кога во Собранието е закажана седницата за реконструкција на Владата, да се состанат за измените на Изборниот законик, брифираат од опозицијата. Тоа е и последниот тајминг за евентуален консензус, за измените на Изборниот законик да поминат во Собранието до 15 јули и со тоа да се исполни и десеттиот чекор од реформската агенда. Премиерот Христијан Мицкоски ја остави опозицијата меѓу себе да ги усогласи разликите за изборната регулатива и дека тој ќе прифати сè за што тие ќе се договорат само дијаспората да може да гласа по пошта на претседателските избори.

Нема потврда дали опозициските лидери ќе го искористат присуството во Собранието на седницата за реконструкција на Владата за да разговараат за последната понуда на Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ вчера повторно повика опозициските партии да постигнат договор, додека Левица веќе најави дека тие ќе го прифатат предизвикот и ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник.

Според координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов, предлогот на Мицкоски опозицијата сама да се договори е само бегање од одговорност на власта.

– Трите најголеми опозициски партии – СДСМ, Левица и ДУИ – сите се за една изборна единица и иако имаме несогласувања околу прагот, дали треба да го има, колкав праг… Јас мислам дека ракавицата е фрлена. Можеме трите партии да се состанеме и да излеземе со предлог за една изборна единица, па да видиме дали власта навистина сака демократизација и одење кон реформа за една изборна единица или само блефира – изјави Крмов.

Тој веќе изјави дека Левица е за продолжување на процесот.

– Еве, овој грејс-период до 15 јули, ако го пробиеме, нема зошто да не продолжиме да работиме, дали со Министерството за правда со нов министер дали во Собранието, не е важно. Ова е премногу важна реформа и по првпат, еве, под силен притисок на Левица, имаме придвижување кон консензус за една изборна единица и мислам дека тој моментум не смее да се испушти – рече Крмов.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ  Бојан Стојаноски, денеска повторно ги повика опозициските партии да постигнат договор за измените на Изборниот законик.

– Денеска е петок, сè уште немаме никаков одговор на понудата што ја произнесовме, не се најавува никаква иницијатива за средба помеѓу опозициските партии. В понеделник е веќе 13 јули, крајниот рок што го имаме како држава да ја заокружиме оваа цел за да имаме 10 од 10 исполнети задачи, краен рок е 15 јули, сметаме дека оваа тема е пресериозна за да се политизира по неа – рече Стојаноски.

Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати сѐ што ќе договорат опозициските партии ДУИ, СДСМ, Левица, како и блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари, без разлика дали станува збор за една изборна единица, моделот на финансирање на политичките партии или механизмите за изборни приговори.
Според него, различните ставови за една изборна единица, финансирањето на политичките партии и другите прашања, не треба да бидат пречка за постигнување договор доколку се обезбеди право на глас на дијаспората.
СДСМ веќе се произнесе дека за нив не е прифатливо дијаспората да гласа ниту електронски ниту по пошта бидејќи нема заштитни механизми што, пак, остава простор за изборна кражба.

– Дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и гласа според постојниот модел. Ние не сме против тоа право, туку сме против неконтролирано гласање што отвора простор за масовна изборна кражба – повтори портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Наместо договор за Изборниот законик, поизвесно е дека изборната регулатива ќе чека подобри времиња бидејќи освен веќе поднесените 14.000 амандмани од СДСМ, Левица и Албанска лига на Села, амандманска блокада најавија и од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари ако при евентуален договор за гласањето на дијаспората по пошта не се овозможи таа да гласа и на локалните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот