Фото: Слободен печат | Хари Кацановски

„Шајоми“ за „Слободен печат“: Нашите автомобили догодина доаѓаат во Европа

Дел од напредните функции веќе се достапни кај кинеските верзии на телефоните од високата класа на „Шајоми“, но европските верзии засега не го нудат истото искуство. Причината е времето потребно за приспособување на европскиот пазар, вели шефицата на секторот за глобални односи со јавност и комуникации во „Шајоми“, Ерика Лем.

Кинеската технолошка компанија „Шајоми“ (Xiaomi) планира да влезе на европскиот автомобилски пазар следната година, а напредните функции со вештачка интелигенција (ВИ) во Европа ќе се воведуваат постепено, поради регулативите, усогласувањето и потребата од локализација, изјави за „Слободен печат“ шефицата на секторот за глобални односи со јавност и комуникации во „Шајоми“, Ерика Лем.

Фото: Слободен печат | Хари Кацановски

Лем тврди дека автомобилската експанзија на компанијата е поврзана со поширок екосистем, во кој возилото, телефонот, паметниот дом и вештачката интелигенција треба да функционираат како една целина.

– Имаме сопствен голем јазичен модел. Се вика „Шајоми мимо“ (Xiaomi MiMo). Сè уште сме во процес на развој. Врз основа на ВИ-моделите, тој ќе ги засили нашите автомобили, смартфони и другите уреди – објаснува таа.

Лем вели дека во Кина дел од напредните функции веќе се достапни кај кинеските верзии на телефоните од високата класа на „Шајоми“, но европските верзии засега не го нудат истото искуство.

Причината, тврди таа, е времето потребно за приспособување на европскиот пазар.

– За европскиот пазар, поради сите усогласувања и регулативи, потребно ни е време да го локализираме тоа. Ќе оди постепено – вели Лем.

Европа е следниот тест

Новинари од Македонија ја посетија фабриката за автомобили на „Шајоми“ во Пекиншката економско-технолошка развојна зона.

Во изложбениот простор беа претставени моделите „шајоми СУ7“ (Xiaomi SU7) и „шајоми ЈУ7“ (Xiaomi YU7), делови од каросерија, батериски и електрични склопови, мотори од серијата „шајоми хајперенџин“ (Xiaomi HyperEngine), како и сопствени чипови на компанијата.

На изложбените панели беа претставени моторите „хајперенџин В8с“ (HyperEngine V8s), „В6с“ (V6s) и „В6с плус“ (V6s Plus), а во посебен дел беа изложени и чиповите „иксринг О1“ (Xring O1) и „иксринг Т1“ (Xring T1), поврзани со телефоните и со носливите уреди на „Шајоми“.

Таквата поставка ја покажува насоката во која компанијата го развива автомобилскиот проект, како продолжение на стратегијата што веќе ја гради преку телефони, паметни уреди, сопствени чипови и софтвер.

Роботи прават речиси сѐ

Во самиот производствен погон снимањето и фотографирањето не беше дозволено, но можеше да се види високо автоматизирана производствена линија, со роботи што изведуваа голем дел од операциите.

На посетителите им беше овозможено и кратко возење во еден од автомобилите на „Шајоми“, како и обиколка на делот посветен на концептот паметен дом, каде што автомобилот е претставен како дел од ист дигитален простор со домот и со телефонот.

Фото: Слободен печат | Хари Кацановски

Таквиот пристап се поклопува со пораката што „Шајоми“ ја испраќа и кон поширокиот пазар.

Основачот и извршен директор на „Шајоми“ Леи Џун вели дека корисниците сакаат автомобилот да им биде „втор дом“, односно подвижен простор, а не само превозно средство, пишува Ројтерс.

Притисок врз „Тесла“

„Шајоми“ веќе силно го притиска кинескиот пазар на електрични автомобили. Според „Ројтерс“, моделот „ЈУ7“ (YU7) беше лансиран со почетна цена од околу 37.400 долари, односно речиси четири проценти под „Тесла модел вај“ (Tesla Model Y) во Кина.

Компанијата објави дека добила 200.000 нарачки во првите три минути од почетокот на лансирањето.

Фото: Слободен печат | Хари Кацановски

Следниот ден Ројтерс објави дека „Шајоми“ добил 289.000 нарачки за „ЈУ7“ во првиот час, но и дека Леи Џун предупредил дека дел од нив можно е да биле направени од препродавачи.

Во првите 18 часа, според „Ројтерс“, компанијата имала околу 240.000 „заклучени“ нарачки, односно нарачки со платен депозит.

Скап, но важен автомобилски бизнис

Компанијата што глобално е позната по смартфони, во последните години се позиционира и како сериозен играч во автомобилската индустрија.

„Ројтерс“ пишува дека со моделите „СУ7“ и „ЈУ7“, автомобилскиот бизнис на „Шајоми“ станал важен извор на приходи, но и дека останува скап проект поради високите инвестиции и потесните маржи во автомобилската индустрија.

Напоредно со тоа, „Шајоми“ вложува и во вештачка интелигенција.

Компанијата јавно ја развива платформата „Шајоми Мимо“ (Xiaomi MiMo), која има и сопствени алатки како „Мимо клоу“ (MiMo Claw), агентски систем што може да планира, да користи алатки и да извршува задачи.

Автомобил, телефон и дом во едно

Лем вели дека токму спојот меѓу телефони, автомобили и сопствен ВИ-модел е тоа што ја издвојува компанијата.

– Мислам дека сме посебна, уникатна компанија. Производител сме на смартфони, правиме автомобил и истовремено развиваме сопствен ВИ-модел – рече таа.

За европските корисници, тоа значи дека првиот чекор најверојатно ќе биде доаѓањето на автомобилите, а потоа постепено проширување на софтверските и на ВИ-функциите.

За „Шајоми“, Европа ќе биде тест за тоа дали моделот што го гради во Кина може да функционира и на пазар со построги правила, посложени регулативи и со поинакви очекувања.

ФОТО+ВИДЕО | Репортажа од Пекинг: ранецот те чека таму каде што си го оставил

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот