Трагедија во Германија: семејно куче уби четиригодишно девојче
Четиригодишно девојче почина откако беше нападнато и каснато до смрт од семејното куче во Дроса, во германската покраина Саксонија-Анхалт. Полицијата започна истрага против мајката на детето и познаник на семејството за да се утврдат сите околности на трагедијата, објави MDR.
Препорачано
Според информациите од полицијата и канцеларијата на државниот обвинител, девојчето си играло со кучето во својот стан кога животното одеднаш ја нападнало и ја каснало повеќе пати. Се верува дека станува збор за американски стафордширски териер.
Иако минувачите веднаш се обиделе да го одвојат кучето од детето, девојчето претрпело толку тешки повреди што дури и службите за итни случаи не можеле да ѝ помогнат и таа починала на местото на настанот.
Кучето било однесено во засолниште за животни, а на членовите на семејството и службите за итни случаи им била пружена психолошка поддршка.
Триесет и двегодишна мајка и нејзиниот 30-годишен познаник, двајцата германски државјани, се обвинети за убиство од небрежност. Се истражува дали нападот можел да се спречи или дали имало пропуст во надгледувањето на детето и на кучето.
Градоначалникот на општината Остерненбургер Ланд, Торстен Лоренц (CDU), потврди за медиумите дека веќе имало инцидент во кој е вклучено истото куче. Сепак, животното подоцна било подложено на проценка на темпераментот и однесувањето.
Американските стафордширски териери, кои можат да тежат помеѓу 30 и 40 килограми и се сметаат за исклучително силни, се класифицирани како потенцијално опасна раса во покраината Саксонија-Анхалт.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека инцидентот се истражува и проценува, и дека доколку е потребно ќе се разгледаат измени во законот за сопственост на кучиња.
„Законот за кучиња служи за заштита на јавноста, а особено на децата, од опасностите што ги претставуваат кучињата“, објасни министерството, додавајќи дека од овој случај ќе се извлечат потребните заклучоци.


