Бројот на загинати во земјотресите во Венецуела се искачи на 3.889, расте ризикот од ширење болести
Бројот на загинати во двојниот земјотрес што ја погоди Венецуела минатиот месец се искачи на 3.889, соопшти владата, додека регионалните здравствени агенции предупредуваат на зголемен ризик од ширење заразни болести, пренесува Ал Џазира.
Препорачано
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, вчера изјави дека најмалку 16.740 лица се повредени, а 17.907 се раселени.
Панамериканската здравствена организација (PAHO) предупреди дека раселените лица долж северниот брег на Венецуела, кој беше најтешко погоден од земјотресите, се изложени на ризик од заболувања поради ограничениот пристап до чиста вода и редовна здравствена грижа.
„Во наредните недели најголемите здравствени ризици можеби нема да произлегуваат само од повредите предизвикани од земјотресите, туку и од нарушувањето на здравствените услуги, пренатрупаните услови за живеење, недостигот од вода и санитарни услови, како и намалениот пристап до вакцинација и рутинска здравствена заштита“, изјави директорот на PAHO, Жарбас Барбоса.
Организацијата соработува со Министерството за здравство на Венецуела за подобрување на пристапот до вакцини и за следење на евентуални појави на респираторни и цревни заболувања, особено во привремените засолништа за луѓето кои ги загубија своите домови.
Обединетите нации покренаа апел за обезбедување околу 300 милиони долари за помош на 1,3 милиони луѓе на кои итно им е потребна хуманитарна поддршка.
„Јасно е дека во центрите за раселени лица, особено по две недели, луѓето доаѓаат затоа што не можеле да ги добијат своите редовни терапии. Тие веќе не доаѓаат само со скршеници, туку и со долгорочни здравствени проблеми. Од клучно значење е да бидеме покрај нив“, изјави за Асошиејтед прес шефот за хуманитарна помош на ОН, Том Флечер, за време на посетата на Венецуела.
Лекарите кои во четвртокот лекувале пациенти во заедницата Катија ла Мар, во северната држава Ла Гуаира, пријавиле зголемен број случаи на кожни заболувања и дијареја, како и сè повеќе барања за лекови за хронични болести, вклучувајќи дијабетес и висок крвен притисок.
Појавата на овие заболувања се поврзува со пренатрупаните услови за живеење и лошата водоводна и санитарна инфраструктура, проблеми што во многу заедници постоеле и пред земјотресите.
Голем дел од помошта на терен ја обезбедуваат локални организации кои соработуваат со меѓународни хуманитарни организации.
До неодамна, невладините организации беа мета на репресија од властите. Додека актуелната претседателка Делси Родригез беше потпретседателка во администрацијата на поранешниот претседател Николас Мадуро, невладините организации често беа обвинувани за антидржавни активности, а локалната канцеларија на Обединетите нации за човекови права беше затворена.
Сега, невладините организации велат дека по земјотресите е забележана значително поголема соработка со владините институции.
„Кога ќе се соочите со криза од вакви размери, политиката се става настрана и сите се насочуваат кон спасување што е можно повеќе животи. Засега токму тоа го гледам во одговорот на оваа криза“, изјави Флечер.


