Агенција за вработување-табла / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ревизија ја „растресе“ Агенцијата за вработување, милиони во пет града, договори од три дена и 77 отсто од хонорарите кај еден адвокат

Ревизорскиот извештај покажува дека и покрај препораките дадени по ревизијата за 2023 година, состојбите речиси и да не се подобриле. Од осумте препораки што биле дадени лани, три воопшто не се реализирани, три се само делумно исполнети.

Слушај ја веста

Нерамномерна распределба на повеќе од 23 милиони евра за активни мерки за вработување, фаворизирање неколку градови, договори за работа склучувани на само три дена, продолжување договори над законскиот максимум, слаби контроли на трошењето на јавните пари се само дел од неправилностите што ги констатирал Државниот завод за ревизија во работењето на Агенцијата за вработување на Република на Македонија (АВРСМ) за 2024 година.

Ревизорите исто така констатирале неефикасни ИТ-обуки со само 25 проценти успешност, неправилности кај практикантството, исплати без целосна документација, јавни набавки спротивни на закон, нерешен статус на државни објекти. Особено внимание привлекува фактот дека 77 проценти од адвокатските услуги ги реализирал само еден адвокат. Ревизорскиот извештај покажува дека и покрај препораките дадени по ревизијата за 2023 година, состојбите речиси и да не се подобриле. Од осумте препораки што биле дадени лани, три воопшто не се реализирани, три се само делумно исполнети, а две сè уште се во тек, што укажува дека институцијата не успева да ги отстрани констатираните слабости.

Еден од најсериозните наоди се однесува на распределбата на средствата за активните мерки за вработување. Во текот на 2024 година преку АВРСМ биле исплатени 1,442 милијарди денари, односно околу 23,4 милиони евра, што е за повеќе од 16 проценти повеќе во споредба со претходната година. Но, наместо средствата да бидат распределени рамномерно меѓу сите плански региони, ревизорите утврдиле дека најголемиот дел завршил во неколку центри за вработување.

Кај мерката „Самовработување“, дури 62,05 проценти од средствата биле реализирани само преку пет центри – Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Гостивар. Кај мерката „Субвенционирање на плати“, повеќе од половина од сите одобрени апликации се концентрирани во Скопје, Струга, Тетово и во Куманово, додека кај мерката „Вработување и раст на правни субјекти“, речиси две третини од средствата завршиле во Тетово, Скопје, Струга, Куманово и во Пробиштип.

Фаворизирани градови

Според ревизорите, нововоспоставената методологија за распределба на неискористените средства не го решила проблемот со фаворизирањето одделни градови и региони. Во некои западни региони и во Скопскиот плански регион предвидените квоти биле надминати и до четирипати, додека источниот и централниот дел на државата добиле значително помала финансиска поддршка.

Проблеми биле утврдени и кај адвокатските услуги. Во 2024 година Агенцијата исплатила 5,7 милиони денари за адвокатски услуги, медијации, судски такси и вештачења. Од нив, дури 77,46 проценти биле реализирани преку еден адвокат. Дел од исплатите биле направени без целосна поткрепувачка документација, а за вештачења во вредност од 881 илјада денари воопшто не била спроведена постапка за јавна набавка. Дополнително, за услуги во вредност од 740 илјади денари немало документација дека навистина биле извршени. Ревизорите забележуваат и дека дел од адвокатските услуги се однесувале на административни работи што можеле да ги извршуваат вработените во Агенцијата, доколку институцијата располагала со доволно кадар.

Особено внимание ревизорите посветиле на програмата за обука за напредни ИТ-вештини, за која во 2024 година биле исплатени 85,8 милиони денари, односно околу 1,39 милиони евра. Иако станува збор за една од поскапите активни мерки, резултатите се оценети како незадоволителни. Од вкупно 735 кандидати, само 184 успешно го положиле завршниот испит, што значи дека успешноста изнесува само 25 проценти.

Неправилности биле откриени и кај мерката „Практикантство“. Ревизорите утврдиле неусогласености со Законот за практикантство и Оперативниот план, меѓу кои несоодветно определена старосна граница за корисниците, недоволни теренски контроли, нецелосна документација, исплати што не одговарале на законските ограничувања и повторно – нерамномерна распределба на средствата меѓу регионите.

Договори за работа на три дена

Во извештајот значајно место заземаат и исплатите на паричниот надоместок за невработеност. Во текот на 2024 година АВРСМ исплатила 1,327 милијарди денари, односно околу 21,5 милиони евра, што претставува раст од 27 проценти во однос на 2023 година. Ревизорите утврдиле дека документацијата за дел од предметите е некомплетна, не постои целосна електронска размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а имало и отстапувања при утврдувањето на висината на надоместоците.

Особено загрижувачки се случаите што ги нотира ревизијата во врска со договорите за работа. Дури 67,9 проценти од исплатените надоместоци се однесуваат на лица на кои им престанал договорот на определено време. Притоа биле утврдени договори склучувани на само три дена, договори продолжувани подолго од законски дозволениот максимум од пет години, како и повторно вработување кај истиот работодавач веднаш по искористување на правото на паричен надоместок. Ревизорите сметаат дека овие случаи укажуваат на потреба од значително посилни контроли.

Проблеми се констатирани и во управувањето со имотот на институцијата. Не е воспоставена соодветна материјална евиденција за залихите, пописот не бил извршен на законски пропишаниот начин, а правниот статус на три објекти што ги користи Агенцијата сè уште не е регулиран. Ревизорите повторно укажуваат дека Посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност не ги добива сите средства што законски му следуваат, бидејќи од Буџетот не се префрлаат средствата по основ на ДДВ и царини што ги плаќаат заштитните друштва.

Дополнително, се предупредува дека судските спорови во кои Агенцијата е тужител или тужена страна можат да предизвикаат дополнителни финансиски обврски во иднина. Извештајот предупредува и дека законските правила за стекнување право на паричен надоместок не се доволно јасни, што доведува до различно постапување во слични случаи, правна несигурност, нееднаков третман на осигурениците, поголем број жалби и судски постапки.
На забелешките што Агенцијата ги доставила по Нацрт-извештајот, ревизорите одговориле дека најголемиот дел не биле прифатени, бидејќи не биле приложени дополнителни докази што би ги оспориле констатираните наоди.

Државна помош од 7.000 до 20.000 евра за самовработување — огласите се активни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот