ВИДЕО | Обвинетиот за серија убиства во Старо Нагоричане, со поглед кон таванот во судница и со смеење не му одговара на судијата ниту дали се вика Трајче Бојковски
Вистинска драма се одвива во Кривичниот суд Куманово во моментов, каде што требаше да почне судењето против обвинетиот за серија убиства на повозрасни жени во Кумановско, Трајко Бојковски. Но, има голем проблем судењето да почне, затоа што обвинетиот има фиксиран поглед кон таванот, воопшто не погледнува кон судијата и не одговара ниту на прашањата на судијата дали се вика Трајко Бојковски. Во меѓувреме дел од семејствата на оштетените жени, кои беа убиени во своите домови, довикнуваат дека обвинетиот „се преправа“. Судијата даде 10-минутна пауза за да се види дали може судењето да продолжи. Обвинетиот во судницата, откако почна паузата, ја спушти главата надолу, ги стави дланките на слепоочницата и не изговара ниту збор.
Препорачано
Негов адвокат, како што беше прочитано на почетокот, е Драган Трајковиќ.
Присутни во судница се полномошници на оштетените семејства на Јанка Антевска, Мира Станковска, Марија Мариновска и на Росанка Трајковска.
На 19 јуни Обвинителството во Куманово поднесе обвинителен акт против Трајко Бојковски од Старо Нагоричане за четири убиства и два обиди за убиство на повозрасни жени во Кумановскиот Регион. Нему му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Како што информираше Обвинителството, извршените вештачења од психијатри во текот на истрагата, покажале дека делата ги вршел од ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти кон мртви женски тела.
Првото убиство на повозрасна жена за кое се товари Бојковски, според обвинението го извршил на православен Бадник 2025 година во селото Клечовце кога со умисла убил повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и додека таа била заспана на креветот физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала. Второто убиство кое му се става на товар е извршено меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во селото Драгоманце, каде на сличен начин со умисла лишил од живот уште една жена. Меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане Бојковски се товари дека со умисла убил помлада жена, за која знаел дека е сама дома. Начинот на извршување на делото бил сличен како кај претходните жртви. Во селото Челопек, во вечерните часови помеѓу 5 и 6 февруари годинава, обвинетиот лишил од живот уште една повозрасна и немоќна жртва.
На 22 јули 2025 година во селото Челопек, пак, Бојковски според Обвинителството се обидел да убие жена која успеала да го заплаши така што викнала по нејзиниот син, па обвинетиот избегал, а таа преживеала. Последниот евидентиран настан е на 9 февруари 2026 година во селото Челопек, каде со умисла обвинетиот се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата. Станува збор за Росанка Трајковска која „Слободен печат“ ја посети во нејзиниот дом пред четири месеци, каде таа раскажа како изгледал нападот.
Бојковски беше спроведен во судница од притвор.


