Онлајн шопинг/ Фото: TEK IMAGE / Sciencephoto / Profimedia

Имате бизнис, но немате онлајн продавница? АЕТМ ќе поддржи 15 компании да започнат со онлајн продажба

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во партнерство со „Виза“ (Visa), го започна четвртото издание на иницијативата „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси“, преку која домашните микро, мали и средни компании ќе добијат можност бесплатно да започнат со онлајн продажба. Јавниот повик е отворен до 20 јули 2026 година, а преку програмата ќе бидат избрани 15 компании кои ќе добијат поддршка за отворање сопствена е-продавница, како и практична едукација за е-трговија и дигитален маркетинг.

Компаниите кои ќе бидат избрани ќе добијат пакет за поддршка во вредност до 1.000 евра за создавање нов онлајн продажен канал – преку локална маркетплејс платформа или преку развој на сопствено софтверско решение.

Дополнително, учесниците ќе посетат практична еднодневна обука „Од локален бизнис до онлајн продавница“, каде ќе се стекнат со знаења за управување со е-продавница, дигитално рекламирање и користење на социјалните медиуми за продажба. Во првите три изданија на иницијативата беа поддржани 55 домашни компании, кои ги отворија своите први онлајн продавници и ги подобрија своите дигитални вештини.

Од АЕТМ посочуваат дека целта на програмата е да им помогне на домашните бизниси полесно да влезат во дигиталната економија, да стигнат до нови купувачи и да создадат нови можности за раст. „Микро, малите и средни претпријатија се двигател на домашната економија, но голем дел од нив сè уште не ги користат можностите што ги нуди е-трговијата. Со оваа иницијатива им обезбедуваме финансиска, техничка и едукативна поддршка за успешно започнување на онлајн продажбата“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на АЕТМ.

Од „Виза“ нагласуваат дека дигиталните плаќања и е-трговијата претставуваат значајна можност за локалните претприемачи да достигнат нови пазари и да ја зголемат конкурентноста. Право на аплицирање имаат микро, мали и средни претпријатија кои во моментов немаат онлајн продажба – ниту преку сопствена е-продавница ниту преку маркетплејс платформа, а имаат интерес да започнат со дигитална продажба.

Заинтересираните компании можат да аплицираат преку онлајн формуларот објавен на веб-страницата на АЕТМ, најдоцна до 20 јули 2026 година. Во рамки на повикот ќе се одржи и бесплатна онлајн инфо-сесија на 13 јули со почеток во 11 часот, на која ќе бидат претставени условите и начинот на учество. По завршувањето на селекцијата, избраните компании ќе ја следат обуката во септември 2026 година во Скопје, а по успешно завршување ќе добијат сертификат од АЕТМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот