Крај за карго-возовите низ Скопје: Новата обиколница носи побрз транспорт и почист град
Новата карго-железничка обиколница кај Скопје ќе донесе значајни придобивки за животната средина, но и ќе го забрза товарниот транспорт низ земјата, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски при посетата на Гевгелија. Со пуштањето во функција на пругата од Илинден до Драчево, товарните возови повеќе нема да минуваат низ централното градско подрачје, што според Николоски ќе значи намалување на загадувањето и пократко време на транспорт.
Препорачано
– Ова е важно од два аспекти – прво, од еколошки аспект, бидејќи товарниот сообраќај се трга од центарот на Скопје, а второ, затоа што ќе се скрати времето на патување и Македонија ќе стане поатрактивна за карго-сообраќајот- посочи Николоски.
Тој нагласи дека обиколницата во минатото не била целосно искористена поради состојбата на железничката инфраструктура, но дека со реконструкцијата повторно се става во функција.
-Заедно со ЈП ‘Железници и инфраструктура’ работевме на целосна реконструкција и проектот беше завршен во рекордно време- рече Николоски, заблагодарувајќи му се на директорот Синиша Ивановски и неговиот тим.
Министерот оцени дека проектот ќе има позитивен ефект и за Гевгелија, бидејќи токму таму поминува Коридорот 10 – една од најважните транспортни рути во земјата.
Дополнително, тој посочи дека воведувањето на принципот „one stop shop“ на железничката станица меѓу Северна Македонија и Грција веќе го олеснува транспортот, бидејќи товарните возови наместо две запирања имаат само едно.
-Во моментов работиме и на заеднички железнички граничен премин со Србија, што дополнително ќе го забрза транспортот. Паралелно се подготвува документацијата за проектот за брза пруга и очекуваме во текот на летото процесот да биде завршен- додаде Николоски.
Заврши реконструкцијата на железничката обиколница на Скопје, се најавува и „градскиот воз“


