ВИДЕО | Тропската бура во Кина не запира: 39 луѓе загинаа од поплави, се очекува нов тајфун во наредните денови
Властите во Јужна Кина денес соопштија дека 39 лица загинале во поплавите предизвикани од тропската бура, која донесе обилни врнежи од дожд, додека Тајван и источниот брег на Кина се подготвуваат за тајфун што се очекува да удри на копното во наредните денови, пренесува АП.
Препорачано
Најголем дел од жртвите се во Хенгџоу, каде што делумното уривање на брана на акумулација предизвикало поројни води да навлезат во градот и однеле 26 животи, изјави Динг Веи, заменик-градоначалник на градот Нанинг, под чија надлежност е ова подрачје, на прес-конференција.
Во поширокиот регион Гуангси сè уште се водат како исчезнати девет луѓе.
Тропската бура Мајсак донесе рекордни врнежи во Гуангси почнувајќи од саботата, предизвикувајќи прелевање на акумулации и оставајќи луѓе заглавени со денови во своите домови и други објекти. Претходно објавениот број на загинати во вторникот изнесуваше шест луѓе.
Во меѓувреме, тајфунот Бави се наоѓа над морето и според прогнозите ќе помине северно од Тајван, носејќи обилни врнежи за островот со 23 милиони жители, а во сабота се очекува да удри на копното во кинеските покраини Џеџијанг или Фуџијен.
Националниот метеоролошки центар соопшти дека јужниот дел на Гуангси со денови бил погоден од пообилни врнежи од очекуваните, при што во некои области наврнале меѓу 10 и 40 сантиметри дожд, а во најтешко погодените подрачја повеќе од 90 сантиметри.
Спасувачките тимови и во четвртокот продолжија да евакуираат повеќе од 10.000 заглавени ученици и наставници од група училишта во градот Гуиганг, североисточно од Хенгџоу.
Во поплавите заглавиле или биле однесени и бројни животни.
Од зоолошката градина во Гуиганг соопштија дека исчезнале повеќе од 100 животни, меѓу кои две зебри, четири бодликави свињи и десетици тропски птици. Во Хенгџоу, пак, змии за кои се претпоставува дека потекнуваат од фарма ги натерале властите да обезбедат дополнителни количини противотров и да ги советуваат жителите како да постапат доколку наидат на змија.
Сопственик на засолниште за животни во округот Бинјанг, северозападно од Хенгџоу, во изминатите денови се борел да спаси околу 200 мачки и неколку десетици кучиња, пренесувајќи ги кучињата по две низ силната водена струја. Мачките, пак, се искачиле на покривните греди додека нивото на водата растело.
Во големата операција за спасување и доставување помош се користат дронови и околу 5.700 чамци за да се стигне до луѓето заглавени од поплавите, додека спасувачите се соочуваат со силни водни струи и наноси од отпад. Досега се евакуирани околу 130.000 луѓе.


