Бони Тајлер во младоста / Фото: Profimedia

Легендарната Бони Тајлер почина на 75-годишна возраст

Велшката пејачка Бони Тајлер, позната по безвременските хитови „Total Eclipse of the Heart“, „Holding Out for a Hero“ и „It’s a Heartache“, почина на 75-годишна возраст.

Веста за нејзината смрт беше објавена на нејзината официјална интернет-страница, каде што семејството и тимот на пејачката соопштија дека таа починала во болница во Португалија, како последица на болеста од која се лекувала.

„Семејството и тимот на Бони со скршени срца соопштуваат дека таа неочекувано почина синоќа во болница во Португалија, како резултат на болеста за која се лекуваше. Наскоро ќе објавиме дополнително соопштение, но во овој момент ве молиме за приватност додека се справуваме со оваа трагедија“, се наведува во соопштението.

Во мај годинава, пејачката беше ставена во индуцирана кома по итна операција на цревата во Португалија. Минатиот месец нејзиниот портпарол соопшти дека излегла од кома, но дека сè уште е во многу тешка здравствена состојба и се наоѓа на интензивна нега.

Бони Тајлер во седумдесеттите години / Фото: Profimedia

Родена како Гејнор Хопкинс, Бони Тајлер пораснала во јужен Велс. Нејзината музичка кариера започнала откако била откриена од ловецот на таленти Роџер Бел во клуб во Свонси. Првиот сингл „Lost in France“ го објавила во 1977 година, а истата година голем успех постигнала и со баладата „It’s a Heartache“, која се искачи на четвртото место на британската и на третото место на американската топ-листа.

Светска слава стекна во 1983 година со песната „Total Eclipse of the Heart“, која се искачи на првото место и во Велика Британија и во САД, со што стана првата Велшанка што го освои врвот на американската топ-листа.

Песната ја напиша Џим Штајнман, познат по соработката со Мит Лоуф. Првично била создадена за мјузикл инспириран од филмот „Носферату“ (Nosferatu) и го носела насловот „Vampires in Love“.

За „Total Eclipse of the Heart“ Тајлер доби номинација за наградата Греми, а подоцна беше номинирана и за албумот „Faster Than the Speed of Night“ и за синглот „Here She Comes“.

Штајнман го напиша и нејзиниот втор голем хит од осумдесеттите, „Holding Out for a Hero“, создаден за саундтракот на филмот „Безгрижен“ (Footloose), а подоцна повторно стана популарен благодарение на анимираниот филм „Шрек 2“ (Shrek 2).

Во 2013 година ја претставуваше Велика Британија на Изборот за песна на Евровизија, каде што го освои 19. место меѓу 26 учесници. Во 2023 година беше одликувана со титулата MBE за својот придонес во музиката.

Минатата година ја објави денс-верзијата на „Total Eclipse of the Heart“, насловена „Together“, во соработка со Дејвид Гета и Хипатон.

Годинава, 43 години по објавувањето, оригиналната верзија на „Total Eclipse of the Heart“ надмина една милијарда слушања на платформата Спотифај.

„Навистина сум среќна. Кога ќе размислите, на светот има само 8,3 милијарди луѓе“, изјави неодамна пејачката.

Бони Тајлер зад себе го остави сопругот Роберт Саливан, со кого беше во брак повеќе од пет децении.

Музичката легенда Бони Тајлер по итна операција се наоѓа во вештачка кома

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот