Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

Во руиниран објект во Капиштец, полн со ѓубре и смрдеа, се населија бездомници, сега и коњи пасат наоколу

Распаднатиот објект со години е оставен како депонија, а од неодамна во него се вселени бездомници со што проблемот е влошен уште повеќе. Граѓаните што живеат во околината, веќе не знаат кому да се обратат – се жалеле во Општина Центар, а неколкупати пријавувале и во полиција, но досега не виделе дека тие излегле на терен по нивната пријава.

Руинираниот објект во Капиштец, во кој порано беше сместен пансионот „Бјанко“, лоциран веднаш до кружниот тек спроти Католичка црква, со години е оставен на пропаѓа и е претворен во вистинско ѓубриште.

На објектот нема ни врати ни прозорци, покривот се распаѓа, откорнато е сѐ што можело да се продаде, а остатоците се преполни со шут, стари душеци и ѓубре. До неодамна, како што раскажуваат жители на населбата, во него одвреме-навреме свраќал по некој бездомник или зависник, но никој трајно не се задржувал во депонијата во која нема никакви услови за живот, но е и небезбедна за престој.

Руина во Капиштец/ Фото – жител на Капиштец

Но, според граѓаните што реагираа во нашата редакција, очајни што никој од надлежните не наоѓа решение за овој проблем, од пред месец-два во оваа руина се сместиле бездомни семејства, најпрво едно, а потоа уште неколку, со што проблемот уште повеќе се влошил.

 Живеат тука неколку семејства со деца, со бебиња, цела ноќ се слуша плачење, викање, музики, удирање по тарабуки. Почнаа и да прават некои импровизирани живеалишта надвор до објектот, заградуваат со некакви лимови. Таму нема ни струја ни вода, само ѓубриште, па во околината вршат нужда, насекаде смрди ужасно. Имаат и коњи, пасат наоколу по тревите. Околу целиот објект околината е преплавена со ѓубре, неиздржливо е навистина и никој не реагира – велат жители на Капиштец.

Загрижените граѓани неодамна имале и средба на која разговарале за проблемот за кој веќе не знаат кому да се обратат. Се жалеле во Општина Центар, а неколкупати пријавувале и во полиција, но досега не виделе дека тие излегле на терен по нивната пријава.

Загрижени сме, се собравме да разговараме што и како да преземеме. Пријавивме и во полиција, не знаеме дали излегле на терен и дали некако воопшто постапиле. Општина Центар тврди дека не е нивна надлежност. Овде состојбата е ужасна. На 50 метри од оваа депонија е „Интермецо“, демек елитата се собира таму, а овде смрди на измет. Со години објектот пропаѓа, ама во последниов период е неподносливо. И тоа среде центар ова се дозволува – велат тие.

Дивовселените донесоа и коњи/ Фото: Жител на Капиштец

Според нив, дел од дивовселените се и агресивни кон луѓето што проаѓаат оттука, а притоа во непосредна близина има и спортски игралишта, тука е и детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, па се загрижени и за своите деца. Тие бараат надлежните што поитно да постапат и да најдат некакво решение.

ФОТО | Руиниран објект полн со ѓубре среде Капиштец – ни се урива, ни се обновува

Пред две години екипи на Општина Центар на двапати го чистеа овој објект. Од локацијата се отстрануваше смет, шут, кабаст и градежен отпад. Оттогаш досега, колку што е познато, ново чистење не е спроведено, а впрочем и не станува збор за вообичаена дива депонија што би се решила само со чистење на ѓубрето, туку за напуштен и руиниран објект полн со отпад, кој е потенцијален извор на зараза и кој треба целосно да се урне.

Уште минатата година од Општината посочија дека станува збор за објект што не е во нивна надлежност и дека во тек е постапка за доделување на Општина Центар.
Сега, на прашањето дали надлежноста е веќе решена и дали ќе преземат нешто да се реши состојбата што им создава секојдневни проблеми на жителите на Капиштец, оттаму објаснуваат дека се во координација со Град Скопје, кој се јавува како директен наследник на Фондот за комунално уредување градежно земјиште, а тој фонд веќе не постои, па поради тоа, како што тврдат, сопственик на објектот е Град Скопје.

Бидејќи станува збор за легален објект, впишан во катастар на недвижности, отстранувањето не може да се спроведе веднаш, потребна е соодветна правна постапка за негово отстранување, во согласност со важечката регулатива. Ова значи дека Општина Центар нема право самостојно да интервенира врз објектот, туку постапката треба да се води преку надлежниот сопственик (Град Скопје), со почитување на законските процедури за отстранување легално запишани објекти. Затоа, очекуваме Град Скопје да преземе одговорност и да стави крај на овој долгогодишен проблем – велат од Центар.

Оттаму потсетуваат дека во неколку наврати, со присуство на МВР, го расчистувале објектот на барање на жителите, но дека тоа се само привремени мерки.

Крајно време е за трајно и сериозно решение – истакнуваат од Општината.

Рушевини во Капиштец - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Рушевини во Капиштец – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Во Град Скопје, пак, тврдат дека се запознаени со состојбата на постојниот објект, дека постапката започнала уште минатата недела и веќе се преземаат активности според нивните надлежности за надминување на ситуацијата.

Вчера, откако „Слободен печат“ побара одговори во врска со оваа руина, на терен биле испратени градски инспектори.

При вчерашниот инспекциски увид, на локацијата беа затекнати повеќе малолетни лица. Поради тоа, постапувањето мора да се одвива во согласност со законските процедури и со вклучување на надлежните институции. Веднаш е испратен допис до Центарот за социјални работи Скопје за да постапат во однос на малолетните лица – објаснуваат од Градот.

Откако ќе заврши постапката на надлежните институции и кога ќе се создадат услови за безбедно постапување, од Град Скопје велат дека ќе пристапат кон расчистување и чистење на просторот.

Дали ќе биде така или жителите на Капиштец и понатаму ќе се нервираат со постојната состојба, времето ќе покаже.

Напуштени бараки во Стар Аеродром претворени во депонија, граѓаните бараат итна реакција од надлежните

Како што е познато, досега институциите не се покажаа ажурни ни во случајот со руинираниот објект на поранешната установа за згрижување и воспитување деца и младинци со проблематично однесување „Ранка Милановиќ“ во општината Гази Баба, во кој во нехумани услови со години живеат бездомни семејства, а објектот и околината се претворени во вистинска депонија.

Надлежните сè уште не можат да најдат решение и за семејствата што во супстандардни куќички живеат на депонијата „Вардариште“. Слична е состојбата и со напуштените бараки на улицата „Вангел Тодоровски“ во Стар Аеродром каде што исто така се дивонаселени ромски семејства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот