Голема меѓународна операција: уапсени се 28 мажи за злоупотреба на деца
Во голема меѓународна операција против купувачи на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се уапсени 28 мажи од седум земји, соопшти денеска норвешката полиција. Норвешката национална служба за кривични истраги (Крипос) откри дека мажите ја користеле криптовалутата монеро за да платат за пристап до форуми на „дарк веб“, објави „Еуроњуз“.
Препорачано
Операцијата е спроведена на почетокот на јуни, а мажите, на возраст од 22 до 54 години, се уапсени во Норвешка, Шведска, Швајцарија, Канада, Чешка, Полска и Германија, информира Крипос. Агенцијата соопшти дека очекува повеќе апсења, веројатно во други земји, истакнувајќи дека има многу осомничени.
„Тесно соработувавме со шест земји за да ги координираме апсењата на идентификувани корисници кои платиле за пристап до форуми со криптовалута“, изјави полицискиот обвинител Терје Недребо Мишелсен.
Крипос соопшти дека развил метод за следење на употребата на криптовалути во специфични случаи уште во 2025 година, што било клучно за оваа истрага.
Во посебна изјава, Европол изјави дека едно од уапсените лица интензивно користело вештачка интелигенција за создавање нелегален материјал, додека некои од жртвите биле дел од потесното семејство на вториот осомничен.
Како резултат на операцијата, три деца биле земени под заштитен притвор, додаде Европол.
„Операцијата, исто така, доведе до заплена на повеќе од 460 предмети, вклучувајќи електронски уреди, криптопаричници, дрога и големи количини на допинг-супстанции“, соопшти Европол.


