Креативно студио со „Кендл лаб“: Свеќите ги изработувам од природни восоци што не испуштаат штетни материи
„Во зависност од сложеноста, изработката може да трае од неколку часа до еден ден, а понекогаш и повеќе“, вели Александра.
Кога креативноста, љубовта кон рачната изработка и грижата за животната средина ќе се спојат, резултатот се уникатни производи со препознатлив белег.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Креативката Александра Зисова, која по професија е економист, одлучила своето слободно време да го исполни изработувајќи декоративни еколошки свеќи.
Нејзините рачно изработени свеќи од восок од соја и кокос, кои може да ги најдете во „Кендл лаб“, привлекуваат внимание со своите оригинални форми, естетика и одржливост.
Александра, како дојдовте до идејата да почнете да изработувате декоративни свеќи?
– Идејата се роди од љубопитност и љубов кон рачната изработка. На почетокот беше само хоби и сакав да создадам нешто уникатно за мојот дом и да експериментирам со различни форми и бои. Со текот на времето почнав да учам повеќе за материјалите, техниките и деталите што прават разлика. Кога ги споделив првите изработки, добив позитивни реакции од околината што ми даде дополнителна мотивација да продолжам и да го развивам ова како нешто посериозно.

Во вашиот асортиман има најразлични и уникатни форми на декоративни свеќи. Каде наоѓате инспирација за нивната изработка и дали прифаќате сугестии од клиентите?
– Инспирацијата ја наоѓам во секојдневието, од природата, сезонските бои, трендовите, па дури и од социјалните мрежи. Често ми се случува обична форма или предмет да ми даде идеја за нов дизајн. Клиентите исто така играат голема улога и нивните желби и идеи ме инспирираат да изработам нешто ново и поразлично. Секогаш сум отворена за сугестии и персонализирани нарачки бидејќи токму тие идеи најчесто се најкреативни и најинтересни.

Како изгледа процесот на изработка и колку време ви е потребно да ги изработите декоративните свеќи?
– Процесот започнува со внимателен избор на материјали и подготовка на калапите. Потоа следи топење на восокот на соодветна температура, додавање боја и мирис, и прецизно истурање. Многу е важно да се почитуваат температурите и времето на ладење за да се добие квалитетен производ без дефекти. Откако свеќата ќе се стврдне, се врши доработка, чистење на рабови, корекција на деталите и пакување. Во зависност од сложеноста, изработката може да трае од неколку часа до еден ден, а понекогаш и повеќе.
Вашите декоративни свеќи се еколошки. Кажете ни по што се разликуваат од другите и што точно содржат?
– Свеќите ги изработувам од природни восоци, најчесто соја и кокос, кои се биоразградливи и при горење не испуштаат штетни материи. Користам квалитетни памучни фитили и внимателно одбрани мириси што се безбедни за употреба во затворен простор. За разлика од класичните парафински свеќи, овие горaт почисто и подолго, што ги прави подобар избор и за здравјето и за околината. Дополнително, се трудам и пакувањето да биде што е можно поеколошко.

Според вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас и каков е интересот на луѓето токму за вашите производи?
– Во последно време се забележува растечки интерес за рачни изработки. Луѓето сè повеќе ја препознаваат вредноста на уникатните производи и трудот што стои зад нив. Особено кога станува збор за подароци, клиентите сакаат нешто што има приказна. Секако, сè уште има простор за подобрување, но интересот за ваков тип производи е во пораст, што е многу охрабрувачки.

Кој е вашиот совет до сите млади креативци што се занимаваат со креативна работа?
– Мој совет е да веруваат во себе и да не се плашат да започнат, дури и ако резултатите не се совршени на почеток. Секој почеток е тежок, но со време, пракса и посветеност доаѓа напредокот. Важно е да се биде конзистентен, да се учи од грешките и постојано да се вложува во подобрување. Исто така, да не се откажуваат лесно – успехот најчесто доаѓа по многу вложен труд и трпение.
Александра ќе им подари свеќи од природен восок од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете природни производи, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.
Со среќа!


