Фото: Фејсбук/Македон Димитровски

Злато, куп и титула „Математичка ѕвезда“ во Бугарија — уште еден голем успех за Македон

Младиот македонски математички талент Македон Димитровски постигна голем успех на меѓународниот натпревар „Математика без граници“, кој се одржа во Несебар, Бугарија, освојувајќи повеќе престижни признанија.

Со своите резултати, Македон се најде меѓу најуспешните учесници на целиот турнир. Тој освои златен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“, беше победник на Купот, ја доби титулата „Math Star of the Tournament“ („Математичка ѕвезда на турнирот“), а беше прогласен и за апсолутен победник на Купот на градоначалникот на Несебар.

На тоа ги додаде и сребрен медал на меѓународниот натпревар по алгебра „Ludovico Ferrari“, како и бронзен екипен медал, заокружувајќи уште еден импресивен настап на меѓународната сцена.

По големиот успех, гордоста не ја криеше неговиот татко, Владимир Димитровски, кој преку објава на социјалните мрежи му честиташе на својот син.

„Постојат моменти кога едно дете не победува само за себе, туку ја прави горда цела држава“, напиша тој, додавајќи дека освоените признанија „не се случајност“, туку се „плод на огромна љубов кон математиката, безброј часови работа, истрајност и желба секој ден да се биде подобар од вчера“.


Во својата објава, Владимир истакнува дека додека многумина само сонуваат за големи успеси, Македон „ги претвора соништата во реалност“, испраќајќи порака дека Македонија има млади таленти кои заслужуваат поддршка.

„Нека ова биде потсетник дека Македонија има млади таленти кои можат да бидат најдобри во светот. Наша обврска е да ги поддржиме, затоа што тие се најубавите амбасадори на нашата држава“, порача таткото на младиот математичар.

На крајот, тој му упати честитка со зборовите: „Честитки, Македон! Продолжи да ги рушиш границите и да ја испишуваш историјата. Цела Македонија е горда на тебе!“

Ова е само продолжение на низата успеси што Македон Димитровски ги постигнува во изминатите години. Тој веќе има освоено повеќе медали на престижниот меѓународен натпревар „Математика без граници“, меѓу кои два златни медали, сребрен медал во зимската сесија во 2023 година, како и уште еден златен медал во 2024 година. Минатата година, на суперфиналето во Несебар, беше прогласен за „Математичка ѕвезда на турнирот“, го освои Пехар III – Купот на „Математика без граници“, сребрен медал на меѓународниот турнир по алгебра „Ludovico Ferrari“ и бронзен медал на главниот турнир.

Во јуни, Македон Димитровски постигна уште еден историски успех, потврдувајќи го својот талент во конкуренција со десетици илјади врсници од целиот свет. На престижниот натпревар „Mathematics Olympiads for Elementary and Middle Schools“ („Математички олимпијади за основни и пониски средни училишта“), кој се одржува на ниво на американски училишта во САД и ширум светот, Македон донесе огромна гордост за Македонија.

Уште еден голем триумф на Македон — може да бира меѓу најдобрите светски универзитети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот