Фото: Pexels / Vera Arsic

Седум грешки што луѓето ги прават за време на раскинување, а кои само ја влошуваат ситуацијата

Лошото раскинување е лесно. Повеќето луѓе или раскинале со некого, или биле оставени, а многумина го искусиле и едното и другото. Фактот што сè уште не постои општоприфатен начин како тоа да се направи достоинствено говори колку сите се плашат од тој разговор, пишува „Вајс“.

Истражувањата доследно покажуваат дека начинот на кој завршува една врска има значително влијание врз процесот на закрепнување.

Студија од 2025 година утврдила дека, меѓу најчестите непосредни реакции кај луѓето кои биле оставени, најизразени биле тагата, потребата да добијат објаснување и обидите да си го одвлечат вниманието.

Потребата од објаснување, зошто завршила врската и што всушност значела, е еден од психолошки најважните аспекти на раскинувањето.

Токму тоа е делот со кој најлошо се справуваат оние што решиле да ја прекинат врската.

Планирање на „излезот“

Можеби најлошиот начин на раскинување не е едноставното исчезнување без збор (познато како „гоустинг“), туку моментот кога намерно правиме партнерот да стане толку несреќен што самиот ќе ја прекине врската.

Психологот Дејвид Векслер, пишувајќи за „Сајколоџи тудеј“, го опишува ова како обид да се избегне одговорноста за одлуката што веќе е донесена, а сепак да се постигне посакуваниот исход. Тоа е и суров пристап, кој лесно може да се оправдува пред самиот себе.

Нејасноста не е исто што и љубезност

Да кажете: „Можеби само ни треба малку простор“, кога всушност мислите: „Ова е крај“, не го штити никого.

Според Векслер, избегнувањето на конфликтот му испраќа јасна порака на оној што е оставен – дека не му верувате дека ќе може да ја прифати вистината.

Продолжувањето на неизвесноста е еден од најболните делови на целото искуство, бидејќи само ја продолжува болката, без да ја ублажи.

Набројување на сите негови или нејзини недостатоци

Искреноста при раскинување не подразбира составување список со сè што не било во ред кај другиот. Според Векслер, единственото што навистина му должите на другиот е јасно да кажете каде стоите и што може да очекува од вас понатаму.

Сè друго е избор и најчесто служи повеќе за да се олесни сопствената совест отколку да му помогне на другиот.

Нудење пријателство кога не го мислите искрено

Ако предлогот да останете пријатели е кажан само за да го ублажи ударот, а не затоа што навистина го сакате тоа, подобро е воопшто да не го кажувате.

Така создавате лажна надеж, што често го продолжува најтешкиот дел од процесот за оној што е оставен. Подоцна или ќе мора да исполните нешто што никогаш не сте го мислеле сериозно, или сепак ќе исчезнете – а тоа е уште полошо.

Исчезнување без објаснување („гоустинг“)

Повеќето луѓе исчезнуваат без објаснување затоа што тоа не бара никаков напор од нивна страна. Но, цената за таа удобност ја плаќа оној што останува да чека.

Истражување објавено во 2026 година во списанието „Фронтиерс ин сајколџи“ покажало дека дури и двочасовен разговор со непознат човек, кој ненадејно го снемува без никакво објаснување, предизвикува нарушувања на сонот и значително ја зголемува психолошката вознемиреност.

А тоа било по само два часа комуникација со личност што испитаниците никогаш претходно не ја запознале.

Нејасни граници за понатамошниот контакт

Многумина претпоставуваат дека останувањето во контакт по раскинувањето ќе ја олесни разделбата. Истражувањата, сепак, укажуваат на спротивното – честата комуникација по прекинот може долго време да ја одржува емоционалната поврзаност, иако за двајцата би било подобро да продолжат понатаму.

Оној што е оставен честопати го доживува секој понатамошен контакт како знак дека сè уште постои надеж. Затоа е подобро уште од самиот почеток јасно да се постават границите, иако тоа е потешко да се изговори.

Да знаете кога треба целосно да престанете со комуникација

Ако по раскинувањето ситуацијата стане напната, ако пораките не престануваат или разговорите се одолговлекуваат без крај, Векслер советува еднаш јасно и без обвинувања да кажете што ви е потребно и да останете доследни на тоа.

Ако, пак, однесувањето прерасне во вистинско прогонување или вознемирување, престанете да одговарате, информирајте ги луѓето околу вас за ситуацијата и, доколку е неопходно, побарајте помош од полицијата.

Во суштина, сето ова се сведува на една едноставна, но тешко применлива вистина: станува збор за личност за која некогаш сте се грижеле.

Целта не е раскинувањето да биде безболно – тоа едноставно не е возможно. Целта е да не стане потешко отколку што веќе неизбежно ќе биде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот