Советниците на ВМРО-ДПМНЕ избраа молк наместо дискусија за инцидентот со белите волци во Зоолошка
Советничката Катерина Јовановска изјави дека Советот на Град Скопје, како надлежна институција за раководење со скопската Зоолошка и нејзината работа, заслужува да добие одговори за тоа како волците успеале да избегаат од своето живеалиште и да ја направат огромната штета, односно да усмртат четири кенгури и повеќе ему птици, па затоа предложи јавна дискусија за инцидентот во ЗОО „Скопје“.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска советничка од Левица поднесе иницијатива за отворање дискусија во врска со инцидентот што пред две недели се случи во скопската Зоолошка градина, каде бели волци избегаа од своето живеалиште и усмртија повеќе животни, но за иницијативата гласаа само 11 советници, додека, пак, ниту еден советник од ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за отворање дискусија за овој немил настан.
Препорачано
Бели волци од ЗОО Скопје ископале дупка и избегале од живеалиштето, па усмртиле кенгури и ему птици
Обид за „кршење“ на молкот за бегството на волци во Зоолошка
Јовановска во нејзиното излагање изјави дека е зачудена од молкот на Градот, на Зоолошката градина и на надлежните служби, кои од наводниот датум на инцидентот па сè до денеска, воопшто не се огласиле за да потврдат дека настанот се случил, ниту пак да демантираат и да тврдат дека веста е невистинита.
– Предлагам дискусија во однос на сериозниот инцидент што се случи во ЗОО „Скопје“ минатата недела. Ова е сериозен инцидент иако не е единствен што се случил, но поради својата сериозност ќе го издвојам како најсериозен што се случил. Ме зачудува молкот и од администрацијата, и од градоначалникот и од надлежните во самата Зоолошка градина. Овој пат настрадаа животни, но не сакам да размислувам што би се случило доколку при овој инцидент во зоолошката имало мали деца – изјави Јовановска.
Таа додаде дека Советот на Град Скопје, како надлежна институција за раководење со скопската Зоолошка и нејзината работа, заслужува да добие одговори за тоа како волците успеале да избегаат од своето живеалиште и да ја направат огромна штета, па затоа предложи јавна дискусија за инцидентот во ЗОО „Скопје“.
– Сметам дека овој Совет, кој е надлежна институција за раководење на Зоолошката, заслужува одговори пред сè како се случил настанот, зошто се случил настанот, зошто има молк од надлежните институции и кои се мерките што треба да се преземат за да ги нема овие сериозни инциденти во иднина. Не можеме да замолчиме пред еден ваков сериозен инцидент. Предлагам дискусија по однос на инцидентот со Зоолошката градина и извлекување заклучок од неа – предложи советничката од Левица.
Дискусија нема да има, одговор ќе се добие писмено
Претседателот на Советот на Град Скопје Даме Димитровски, пак, даде друг предлог во кој тој побара детален писмен извештај од за сите случувања поврзани со бегството на волците од Зоолошката градина, за, како што изјави, да може да се дискутира во детали и со факти.
– Предлагам да побараме писмен детален извештај за сите случувања во Зоолошката градина поврзани со инцидентот за да може да го разгледаме и да дискутираме во детали – изјави Димитровски.

Советничката Јовановска, пак, не се согласи со овој предлог бидејќи, како што вели таа, нејзината цел била да се развие јавна дискусија во Советот наместо да се одговара писмено, а поради непосредната близина на ЗОО „Скопје“ и Советот на Градот, таа побара на седницата да се појави и в.д. директорката на скопската зоолошка Катерина Костова, со цел директно да објасни зошто и како се случил овој немил настан.
– Јас сакав да се развие дискусија во овој Совет и пожелно е бидејќи и не е така далеку Зоолошката градина, да дојде в.д. директорката и да ни објасни лично тука, а не писмено, нема потреба од писмено, може лично да дојде тука и да ни објасни зошто и како се случил инцидентот и што треба да преземеме во иднина да не се случуваат вакви работи – рече Јовановска.
По нивните излагања, оваа иницијатива дојде на ред на гласање, но, за жал, за неа гласаа само 11 советници од опозицијата и ниту еден советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, иако не беше изгласан предлогот, Димитровски изјави дека Советот ќе инсистира за добивање писмен одговор за инцидентот што се случил во ЗОО „Скопје“.
Две недели молк од Градот и од ЗОО „Скопје“
Поминаа речиси две недели откако во јавноста се појави информацијата дека бели волци ископале дупка под нивното живеалиште, за кое подоцна се покажа дека било направено од тенка метална жица и пластифицирана ткаенина зацврстена со камен, по што нападнале и усмртиле четири кенгури и повеќе ему птици.
Оттогаш па до денес, ниту Градот ниту Зоолошката градина јавно не се огласиле за да го потврдат или да го демантираат овој наводен инцидент, а нивниот молк не наиде на добар одговор од јавноста и од здруженијата за заштита на животните, особено од „Анима мунди“, кои побараа привремено затворање на Зоолошката градина, независна истрага за утврдување одговорност кај оние што дозволиле да се случи овој настан.
Во нивната реакција тие побараа одговори за тоа кој го спроведувал надзорот во установата, и бараат да се објасни како е можно волците, доколку навистина избегале од оградениот простор, со денови или недели да копаат дупки без да бидат забележани.
– Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни, да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици? Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани – велат од здружението.
Од „Анима мунди“ тогаш нагласија дека доколку е вистина, ова бегство не е несреќен случај, туку, како што велат, алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција што чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства.
Исто така побараа да се воведе мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје сè додека не се обезбедат соодветни услови за безбедност и благосостојба на животните кои веќе се сместени таму.
Веќе две недели, „Слободен печат“ не добива одговор од Градот и од Зоолошката на прашањата како дошло до овој огромен инцидент во Зоолошката и кој е одговорен за бегството на волците и усмртување животни во ЗОО „Скопје“, а молкот на оваа тема очигледно го практикуваат и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои ниту еден не гласаше за овој инцидент да се зборува јавно во Советот на Град Скопје.


