Бели волци во ЗОО/ Фото: Зоолошка градина

„Анима Мунди“: Молкот на ЗОО Скопје за бегството на бели волци отвора сериозни прашања за безбедноста на животните

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ јавно побараа одговори од Зоолошката градина во Скопје по информациите за наводното бегство на бели волци од нивното живеалиште и угинувањето на кенгури и ему птици во Скопје ЗОО.

Бели волци од ЗОО Скопје ископале дупка и избегале од живеалиштето, па усмртиле кенгури и ему птици

Во нивната реакција тие бараат одговори за тоа кој го спроведувал надзорот во установата, и бараат да се објасни како е можно волците, доколку навистина избегале од оградениот простор, со денови или недели да копаат дупки без да бидат забележани.

-Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема елементарен надзор и безбедносни протоколи? Како е можно да се овозможи доволно време и простор за да бидат убиени повеќе животни, без навремена реакција, без интервенција, без соодветна седација и контрола на ситуацијата? Кој ја презема одговорноста? Кој ќе одговори за убиените кенгури и ему птици? Кој гарантира дека утре жртви нема да бидат посетители, деца, вработени или граѓани- велат од здружението.

Од „Анима мунди“ потенцираат дека доколку е вистина, ова бегство не е несреќен случај, туку, како што велат, алармантен показател за системски колапс, негрижа и отсуство на професионално управување со институција која чува живи суштества зад решетки и за која постојано се издвојуваат јавни средства.

Фото: „Анима мунди“

Оттаму побараа итна, независна и темелна истрага, со јавно објавување на сите факти и утврдување на евентуална одговорност кај лицата кои, како што наведуваат, со постапување или непостапување придонеле за настанатата состојба.

Исто така побараа да се воведе мораториум на размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје сè додека не се обезбедат соодветни услови за безбедност и благосостојба на животните кои веќе се сместени таму.

До објавата на овој текст, од ЗОО Скопје уште нема официјална реакција на изнесените информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот