Фото: pexels-reisefreiheit

Европскиот топлотен бран се сели на исток

Топлотниот бран што со денови ги погодуваше Шпанија, Франција и Обединетото Кралство сега се движи кон исток. Метеоролозите во Германија и Чешка издадоа предупредувања за екстремни временски услови, а во делови од Германија температурите може да достигнат и до 40 степени Целзиусови, објави Би-би-си.

Во Франција, премиерот Себастијан Лекорну соопшти дека нивото на здравствено предупредување се подига на највисок степен, со цел да се зајакнат болничките капацитети и да се заштитат најранливите граѓани.

Највисоко ниво на тревога во Франција

Франција вчера го забележа најтоплиот ден во годината, втор ден по ред, а температурните рекорди продолжуваат да паѓаат. Метеоролошката служба Метео-Франс соопшти дека просечната минимална температура во средата навечер достигнала 22 степени, додека во Нант, на северозападот од земјата, биле измерени 27,2 степени.

Министерката за здравство Стефани Рист изјави дека веќе се бележат смртни случаи поврзани со екстремните горештини, не само кај постарите лица, туку и кај млади луѓе кои доживуваат срцев удар.

Во парискиот регион бил регистриран трагичен случај со тригодишно дете пронајдено мртво во автомобил. Тоа се случило само неколку дена откако две мали деца биле пронајдени мртви во семеен автомобил во градот Карпантра, на југот од Франција.

Рист додаде дека итната медицинска служба во Париз во рок од 24 часа регистрирала четири пати повеќе срцеви удари од вообичаено, но нагласи дека сè уште нема потврдени податоци за вкупниот број смртни случаи поврзани со топлотниот бран.

Предупредување и до младите

Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, потврди дека стапката на смртност во главниот град е во пораст. Тој предупреди дека никој не смее да мисли оти е недопирлив од последиците од екстремната жештина, особено младите.

Во Рен, на северозападот од Франција, раководителот на одделот за итна помош, професорот Луј Сулас, поврза пет или шест смртни случаи во домовите на граѓани со високите температури. Тој рече дека службите излегле на терен откако тие лица не одговарале на телефонски повици.

Според него, не станува збор само за многу стари лица, туку и за луѓе постари од 60 години. Тој предупреди дека одделите за интензивна нега во регионот се преоптоварени и работат на граница на капацитетите.

Премиерот Лекорну објасни дека активирањето на третото ниво од планот за итни здравствени состојби има цел здравствениот систем да може подолгорочно да го издржи притисокот и да ги заштити најранливите.

Поради горештините, во Франција се исклучени три нуклеарни електрани. Синдикатите во образованието повикуваат и на штрајк, поради, како што велат, неприфатливи услови за работа.

Климатската криза остава трага

Шефот на Обединетите нации за климатски промени, Сајмон Стил, изјави дека овој силен европски топлотен бран ги носи сите белези на климатската криза. Тој повика на побрза транзиција кон обновливи извори на енергија, заштита на шумите и поголема отпорност кон климатските промени.

Климатските промени ги зголемуваат температурите низ светот, но Европа се загрева двојно побрзо од глобалниот просек. Според податоците на климатската служба Коперникус, тоа ја прави Европа континент што најбрзо се загрева.

Последиците се сè посилни летни топлотни бранови, поголем притисок врз снабдувањето со вода и поинтензивни шумски пожари. Минатата година во Европа изгореле повеќе од еден милион хектари, што е рекордна површина.

Германија и Чешка под силен топлотен притисок

Во Германија, температурите во четврток би можеле да достигнат 40 степени во западните и југозападните делови, а во петок и низ целата земја. Во средата навечер, ноќната температура во југозападниот град Бад Бергзаберн не паднала под 26,2 степени, со што бил израмнет националниот рекорд од 2019 година.

Германската метеоролошка служба соопшти дека големи делови од земјата се изложени на топлотен стрес. Метеорологот Оливер Ројтер оцени дека е прилично веројатно овој топлотен бран на крајот да се смета за историски.

Поради високите температури е откажан хамбуршкиот полумаратон, кој требало да се одржи во недела. Националниот железнички оператор Дојче бан им овозможува бесплатно откажување на билетите на патниците што не сакаат да патуваат. Слична препорака до патниците издадоа и Чешките железници.

Во Чешка, температурите во четврток биле значително над 30 степени, а хидрометеоролошкиот завод најави дека горештината ќе се засили во петок. За време на викендот, температурите би можеле да достигнат и 40 степени. Голем дел од земјата е под предупредување за екстремни временски услови.

Рекорди и предупредувања низ Европа

Во Луксембург во средата била измерена највисоката јунска температура од 38.3 степени, а црвеното предупредување е продолжено до сабота навечер. Голем дел од северна и јужна Швајцарија исто така е под највисок степен на предупредување поради значителна суша. Температурите за викендот би можеле да достигнат 40 степени и во Виена.

Додека топлотниот бран се движи кон исток, западните делови на Франција од четврток попладне се соочуваат со опасност од силни грмотевици и налети на ветер до 110 километри на час. Првиот ден од фестивалот Гаророк во регионот Лот и Гарона, каде што температурите може да достигнат 42 степени, е откажан.

Во Шпанија се очекува температурите во некои области во четврток да достигнат 38 до 39 степени, по што треба да пристигне посвеж атлантски воздух. Претходно оваа недела беа регистрирани рекордни јунски температури, со 45.1 степени во градот Андухар во понеделник.

Британската метеоролошка служба го продолжи црвеното предупредување за екстремни температури до петок навечер за делови од Лондон и југоисточна Англија.

Во Италија, каде што врвот на горештините се очекува во понеделник, со температури до 40 степени во северните региони, музејот Уфици во Фиренца ја запре продажбата на билети до 28 јуни. Управата објасни дека климатизацискиот систем не може да се справи со големиот број посетители и со екстремните температури, кои во средата во внатрешноста на музејот достигнале 32 степени.

Ноќните температури во тие области можно е да не се спуштаат под 29 степени. Италијанскиот прогнозер Лоренцо Тедичи изјави дека деновите кога во јуни преку ден имало 32 степени, а ноќе свежи 17 степени, останале во минатото.

Топлотниот бран во Европа ги затвора училиштата и e опасен по здравјето на луѓето, предупреди директорот на СЗО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот