Здравство и Евроинтеграции оди кај ВМРО-ДПМНЕ, Правда најверојатно кај Вреди, за ЗНАМ останува Земјоделство
Вечерва се очекува втор состанок помеѓу тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, а според информациите, на Максим Димитриевски ќе му биде понуден ресорот Земјоделство во замена за Министерството за правда.
Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди на синоќешната средба за реконструкција на Владата начелно договориле кои ресори ќе ротираат.
Препорачано
Според брифинзите, Министерството за здравство оди кај ВМРО-ДПМНЕ, а Вреди најверојатно го добива ресорот Правда. ВМРО-ДПМНЕ ги зема и Евроинтеграции, а Вреди треба да се задоволи со ресорот Спорт. Двете партии ќе ги разменат и министерствата за социјална политика и за култура. Смена ќе има и во Министерството за односи меѓу заедниците со кое сега раководи вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
Според информации на „Слободен печат“, Вреди ги задржува ресорите Економија и животна средина кои не биле ставени на маса во преговорите за ротации.
Иако од Вреди инсистирале да го добијат Образование, Мицкоски не го давал ресорот, ниту, пак, го давала министерката Весна Јаневска.
Вицепремиерското место за добро владеење оди кај ВМРО-ДПМНЕ, а смена ќе има во Министерството без ресор предводено од Шабан Салиу.
Кој сѐ би можел да замине од Владата?
Ако за ова владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ си подадат рака — освен Фатмир Лимани, Игор Филков, Арбен Фетаи, од Владата ќе заминат и Борко Ристовски, Зоран Љутков, најверојатно и Азир Алиу, но и Цветан Трипуновски.
Според информациите, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Беким Сали се очекува да ротира, но неизвесно е дали Мицкоски ќе му се заблагодари на Иван Стоилковиќ или тој ќе добие нова понуда.
Вреди се спрема за Правда
Од Вреди сметаат дека Министерството за правда веќе е договорено да оди кај нив и веќе имаат експерт кој ќе му го понудат на премиерот како кадровско решение за тој ресор.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека Правда не е затворено прашање иако очекувањата се сепак таму да министерува кадар од Вреди.
Неофицијално, како што објавивме, при реконструкцијата на Владата се планира место и за Демократската партија на Турците.
Димитриевски ќе добие понуда
Вечерва, пак, се очекува втор состанок помеѓу тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и според информациите, на Максим Димитриевски ќе му биде понуден ресорот Земјоделство во замена за ресорот Правда.
Од ЗНАМ засега останаа на позицијата дека се задоволни од работата на нивните министри Горан Минчев во Администрација и Игор Филков во ресорот Правда, а и дека се против ротација на министерства.
Но, како што веќе објави „Слободен печат“, Мицкоски веќе му укажал на Димитриевски дека ресорот Правда е проблематичен.


