Тошковски отрпна на барањата за неотповиклива оставка – трета интерпелација за министерот за внатрешни работи
Лидерот и пратеник на Левица Димитар Апасиев во образложението на интерпелацијата ја скенираше биографијата на министерот Панче Тошковски и го обвини дека наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски сам да си поднесе оставка поради многубројните скандали, партизацијата во ресорот, непотизам, е пораката од собраниската седница што ја испрати поднесувачот на интерпелацијата, пратеничката група на Левица. За третата интерпелација за првиот полицаец, лидерот и пратеник на Левица Димитар Апасиев во образложението ја скенираше биографијата на Тошковски и го обвини министерот дека наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“. Министерот возврати дека интерпелацијата содржи лаги, манипулации и дека го напаѓаат само затоа што граѓаните конечно гледаат надеж дека нешто ќе се смени и дека се работи.
Препорачано
Апасиев: Многу вмровци, кога се на власт, стануваат магистри
– До последен момент, знаејќи ги вмровските мајмунлаци, очекував некој спотер од ЗНАМ да предложи интерпелацијата да се тргне од дневен ред. Многу сакам да читам вмровски „си-виа“, затоа што во нив си додаваат и си одземаат што им одговара. Тошковски бил трет ешалон во времето на Груевски, дипломиран правник со просек 8,5, солидно. Сега ќе заглавиме на магистратурата. Во си-вито пишува дека постдипломски студии сте запишале по дипломирањето, а тоа значи 20 години ви требало да магистрирате. Нејасно ми е како сте биле постдипломец 20 години, оти законот друго вели. Чудно е дека многу вмровци кога се на власт стануваат магистри. Сте запишале и докторат. Ви честитам, и вие како Дарко (Костадиновски, претседателот на Уставниот суд – н.з.) може сакате да станете професор и така да ја продолжите кариерата – рече Апасиев.

Тој рече дека со Тошковски како велешани се познаваат од деца и дека учеле во иста гимназија. Според него, министерот е типичен пример за политички опортунизам и кадар изграден во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, чија кариера напредувала благодарение на партиски врски и влијанија. Тој рече дека Тошковски бил фаворизиран адвокат на функционери и структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ, застапувајќи високи партиски функционери и лица обвинети во предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство.
– Но, за разлика од Јанушев и од Лигњата, вие не сте биле во УМС, па Јанушев ве смести во кабинетот на Јанакиески и ви тргнала кариерата. Сте биле член на одбор на директори, сте биле во „мрсни“ комисии и, знаејќи го вашиот претприемчив дух, си велите зошто да работам за 20.000, си отворивте адвокатура – рече Апасиев и додаде дека министерот бил „лепак“ за контроверзни бизнисмени.
Апасиев рече дека Тошковски требало да поднесе оставка од морални причини за трагедијата во Кочани, дека во МВР вработува партиски силеџии и обвини дека се толерираат телохранители на премиерот што се тепачи на жени, инспектори со купени дипломи, дека ангажира приватни агенции за обезбедување наместо МВР да обезбедува.
Лидерот на Левица обвини за непостапување, дека го вратиле МВРО-ВМРО, дека има двојни стандарди, односно дека за едни постапуваат, а за други не, дека е зголемено семејното насилство, дека 40 полицајци не можеле да препознаат сериски убиец…
– Шанса за генерален секретар да заврши во затвор е 70 отсто, а за министер е 50 отсто. Се надевам вие нема да завршите во затвор и ќе го средите Министерството – рече Апасиев.
Претседателот на Собранието Африм Гаши повика на почитување на етичкиот кодекс.
Тошковски: Слушнав многу лаги, манипулации, клевети…
Пред да одговори на интерпелацијата, Тошковски побара пратениците со минута молчење да му оддадат почит на починатиот градоначалник на Брвеница, Јовица Илиевски.

– Слушнав многу лаги, манипулации, клевети за еден велешанец, и тоа е под секое ниво. Не се напаѓа оној што не работи, не се троши толкава енергија за оној што не менува, туку само за оној што менува нешто, а токму тоа и најмногу ве боли. Најбитно од сè, вас ве боли тоа што македонските граѓани конечно гледаат надеж дека во Македонија конечно нешто може да се смени на подобро. Ова е трета интерпелација за две години и мислам дека ваков чин е историски досега – нагласи Тошковски.
Тој обвини дека Апасиев манипулира, бидејќи многу од наводите во интерпелацијата се сведуваат на тоа дека тој како министер не пресудил никому. Според Тошковски, Апасиев зборувал за сè, само не за тоа што го работи како министер и за тоа за што треба да одговора пред македонските граѓани.

– Ова е правна неписменост. Полицијата поднесува кривични пријави, обезбедува докази, а кој ќе биде обвинет одлучува Обвинителството, кој ќе биде осуден одлучува судот. За случајот „Мазут“ поднесовме кривични пријави, приведовме 13 лица, обезбедивме доказен материјал, но зошто е запрена постапката, одговорно е Обвинителството, не МВР. Времето кога премиер и министер одлучуваа кој ќе биде приведен заврши со паѓањето на претходната власт. Истото важи и за Груби. Каков притвор ќе му се определи, одлучува Обвинителството и судот. За разлика од вас, Кочани нема политички да го злоупотребувам, бидејќи настрадаа 63 млади животи и останаа семејства на кои светот им се урна за една ноќ. Во предметот има повеќе од 40 осомничени и секој за кој ќе се докаже дека сторил криминал – ќе одговара. За насилството врз жени и деца нема да водам политика, секаде каде што потфрлила полицијата, без двоумење никој нема да биде амнестиран. Граѓаните не се интересираат за интерпелации, туку за резултати – рече Тошковски.
Тој додаде дека криминалот го свеле на најниско ниво во последните 20 години, а како најважни проекти ги наведе враќањето на полициската академија и на средното полициско образование.
Талевски: Ти си обичен партиски извршител и ништо повеќе!
Миле Талевски од СДСМ рече дека министерот место да го гони, го штити криминалот.

– Да имаше закон, ќе беше сменет по сите скандали, пропусти, убиства, распад на безбедносниот систем. Тошковски самиот требаше да поднесе оставка, но тој знае дека Мицкоски ќе го штити. Велевте – брат да ми е, ќе одговара. Еве, по две години, кажете кој одговараше? Никој! Толку скандали се случија што човек не знае од каде да почне, пет тони дрога ви поминаа, луѓе од обезбедувањето на Мицкоски продавале информации за пари. Се создава партиска полиција. Го пуштивте Груби, па го пречекавте, фалеше уште црвен ќилим да му поставите. Кривични пријави се чуваат во фиоки. Дали отворивте предмет за семејната фирма на Томовски. Ти си обичен партиски извршител и ништо повеќе. Поднесете си неотповиклива оставка – рече Талевски.
Тошковски му одговори дека не ја научил народната мудрост оти стопати повторена лага не станува вистина.
Според распоредот на силите во Собранието, се очекува Тошковски да ја „преживее“ и третата интерпелација.


