Имотот на Јанушев под лупа на Антикорупциска веќе две години
Од Антикорупциската комисија за „Слободен печат“ велат дека имаат ограничени механизми за да проверат имот во странска држава и сè уште немаат одлучено дали ќе бараат изјава од Јанушев заверена на нотар или ќе ги проверуваат информациите на друг начин.
Антикорупциската комисијата веќе ги проверувала податоците за имотот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, а откако СДСМ дојде пред Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и побара да го истражи „скандалот и неговата поврзаност со бугарска фирма“, Комисијата ќе го проверува и ова во рамките на истиот предмет.
Препорачано
– Државната комисија за спречување на корупцијата постапува по предмет за проверка на податоците за имотната состојба и интересите на Игор Јанушев, генерален секретар на Владата. Постапувањето по предметот е во тек. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на седница на ДКСК и таа ќе биде јавно објавена на веб-страницата на Комисијата – велат од ДКСК за „Слободен печат“.
Според јавно достапните податоци, ДКСК му го проверува имотот на Јанушев од 2024 година, а сега велат дека имаат ограничени механизми за да проверат имот во странска држава и сè уште немаат одлучено дали ќе бараат изјава од Јанушев заверена на нотар или ќе ги проверуваат информациите на друг начин.
Левица: Јанушев ќе ги плаќа партиските митинзи со тендер од милион евра
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, вели дека не знае точно кога е отворен предметот за Јанушев, бидејќи тогаш не бил претседател на ДКСК, но според медиумските архиви, Комисијата отворила предмет за неговиот имот уште од јули 2024.
Јанушев во анкетниот лист напишал дека во 2023 година се стекнал со стан од 165 м2 во скопската Општина Центар, кој чини околу 325 илјади евра. Во првичната објава на листот било впишано дека станува збор за градежно изградено земјиште.
Од Владата тогаш информирале дека се работи за подарок добиен од родителите на Јанушев, а тој на својот ФБ-профил напиша дека првично имало грешка во анкетниот лист.
– Не постои никакво подарено земјиште… има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот што во моментов го поседувам, го поседував и во минатото, и доколку што било беше проблематично, владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува – напиша Јанушев.
Сега во неговиот анкетен лист стои само станот од 165 квадратни метри во Центар.
Од Владата во изјава за „Слободен печат“, пак, тврдат дека Јанушев никогаш не поднел барање за бугарско државјанство, како што тврдеа од СДСМ. Од Владата негираат и дека остварил приход од фирма во Бугарија, но не негираат дека е еден од сопствениците во бугарска фирма.
Голема полициска акција во Скопје – запленети се многу пари, приведени се лихвари и бизнисмени
– Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, никогаш не поднел барање за стекнување друго државјанство, ниту бугарско, а уште помалку остварил каков било приход од фирма во Бугарија. Сите инсинуации во таа насока се целосно невистинити и претставуваат уште еден пример за политиката на дезинформации што СДС ја практикува откако е во опозиција. Но, доколку веќе отвораат прашања за компании регистрирани во соседни држави, тогаш очекуваме да побарате став од СДСМ и одговори од Венко Филипче што јавноста ги очекува, за неговите деловни субјекти регистрирани во Петрич на улица „Гоце Делчев“ број 12 и за природата на нивното работење, што работат тие, како и за изворите на приходите што ги остваруваат – велат од Владата во одговорот.
СДСМ, пак, од пред ДКСК порачаа дека не смеат да бидат нем набљудувач на скандалите на власта.
– ДКСК мора веднаш да отвори предмет, да ги провери сите факти, да ги побара сите документи и без одлагање да ја информира јавноста. Дали Игор Јанушев пријавил сѐ што бил должен да пријави според закон или криел? Законот предвидува и законска казна доколку се докаже дека криел удел во фирма и ќе мора да одговара. Бидејќи Јанушев го нема втор ден, институциите се должни да ги дадат одговорите. Овој скандал го открива целото лицемерие на Мицкоски и на ВМРО, целиот нивен лажен наратив. Тераат бизнис-интереси во Бугарија, не чекаат како граѓаните со часови на граници, а во исто време ја блокираат европската интеграција на Македонија и ги блокираат парите од ЕУ преку фондовите – рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според податоците што може да се најдат на бугарскиот Централен регистер, кој е отворен за јавноста, името Игор Јанушев е еден од сопствениците на компанијата „Флугбан транс“ со седиште во Ќустендил. Компанијата е регистрирана во 2015 година за повеќе дејности. Освен Јанушев, сопственици на фирмата се и Сашо Апостоловски и Кире Гешоски, кој пак има повеќе фирми во Бугарија.


