Лидерот на младината на Левица бил уапсен зашто на деца им викал „убијци“, тврди Тошковски
Министерот за внатрешни работи денес изјави дека претседателот на младината на Левица, Андреј Куцуловски, бил уапсен на натпреварот помеѓу Македонија и Израел бидејќи на деца им извикувал „убијци“, а не затоа што го веел палестинското знаме.
Препорачано
– Не е точно дека е уапсен претседателот на младината на Левица, заради тоа што веел некакво знаме. Претседателот на младината на Левица е уапсен е заради тоа што на дечиња од 14 и 16 години, кои што играле утакмица, им се обраќал со зборот ,,убијци”. И сега што требало да направи полицијата? Фризурата да му ја направи? Или требало да го отстрани од стадионот на којшто присуствувал и се однесувал така како што се однесувал – рече министерот Панче Тошковски.
Левица претходно објави дека Куцуловски бил уапсен на натпреварот во ракомет меѓу Македонија и Израел во СЦ „Јане Сандански“ во април, бидејќи развеал знаме на Палестина.
Од МВР тогаш информираа дека тој бил приведен поради прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари.
„Денеска (28.04.2026) во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во СЦ ‘Јане Сандански’, каде се одржувал финалниот натпревар од Светско училишно првенство во ракомет помеѓу Р.С. Македонија и Израел, А.К. (28) истакнал знаме од Палестина. Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по член 3 и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, гласеше соопштението на МВР.
„Место на радост и смеа за децата“: Муцунски отвори игралиште, донација од Израел


