Весна Јаневска, министерка за образование и наука / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Учениците во Пелагонија треба да учат како да го модернизираат земјоделството, вели Јаневска

Наставниците, според министерката, треба да покажат ангажман, со кој ќе ги „задржиме нашите деца на соодветните места“.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека ниеден наставник нема да биде отпуштен од работа во процесот на оптимизација на училишната мрежа, иако, како што истакна, во последните седум години бројот на ученици е намален за 17.000.

„Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа“, рече Јаневска на прес-конференција во Владата, на која презентираше отчет за двегодишната работа на Министерството за образование и наука.

Кога ја презела функцијата пред две години, вели дека затекнала сериозни проблеми во образовниот систем, но дека, како што наведе, сега фокусот е ставен на квалитетот на образованието и науката.

„Пред две години затекнавме катаклизма. Запревме понатамошен пад и со одговорно и посветено работење сега веќе го подигнуваме квалитетот на образованието и ја раздвижуваме науката“, истакна министерката Јаневска.

Таа нагласи дека најважните процеси во образованието се оптимизацијата на училишната мрежа и едносменското работење. Според неа, едносменска настава веќе е воведена во над 200 училишта.

Наставниците, според министерката, треба да покажат ангажман, со кој ќе ги „задржиме нашите деца на соодветните места“.

„Ако Пелагонија е еден од столбовите на земјоделието, таму има развиено земјоделство кое треба да се доразвива, тогаш децата и не мора да знаат сè. Тука се наставниците да им покажат и да им кажат како во иднина тие можат да го модернизираат земјоделието, да го употребат своето знаење за поголемо производство затоа што не очекуваме сите родители тоа да можат да го направат, рече Јаневска, потенцирајќи дека има позитивни примери во одреден број училишта каде со спроведени кампањи се запишани поголем број ученици.

Трета година по ред, рече Јаневска, сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици. Таа информираше дека е зголемена и поддршката за учениците со посебни образовни потреби. Во основното образование се ангажирани 1.350 образовни асистенти, а за првпат 150 асистенти се вклучени и во средното образование.

Трета година по ред учебниците не се проблем и ќе бидат доставени до 1 септември, тврди Јаневска

Јаневска посочи и дека е овозможено образование во хибриден формат за ученици кои подолг период се на болничко или домашно лекување.

Во делот на студентскиот стандард, Јаневска рече дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби.

„Со новиот Закон за високо образование се предвидува најдобрите студенти во секоја генерација, добитниците на инженерски прстен и други државни признанија да имаат предност при вработување во јавните високообразовни и научни установи“ рече Јаневска.

Таа зборуваше и за инвестициите во образовната инфраструктура и нагласи дека околу 70 милиони евра се инвестирани за повеќе од 90 проекти. Меѓу нив таа ги издвои изградбата на нови училишни објекти и спортски сали, реконструкцијата на студентските домови, деблокираната изградба на новиот објект за ФИНКИ и постапката за изградба на објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

Јаневска информираше дека во 160 училишта е инсталирана нова ИТ-опрема и обезбеден е безбеден пристап до интернет, додека над 1.000 наставници се обучени за примена на вештачка интелигенција во наставата.

Платите во образованието, рече дека во првите две години од мандатот се зголемени за над 20 проценти, а со спогодбата со СОНК е обезбедено нивно континуирано зголемување во следните четири години.

Учениците добиваат втора шанса за упис во средно — слободни се речиси 12.000 места

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот