Фото: Инстаграм

Почина Јован Павловски — автор на првиот македонски политички роман и долгогодишен уредник во „Нова Македонија“

Денеска на 88-годишна возраст почина Јован Павловски, еден од најзначајните македонски писатели, публицисти, енциклопедисти и новинари.

Во три мандата беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија, долгогодишен новинар и уредник во „Нова Македонија“, нејзин дописник од Париз и Москва и професор по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Неговото творештво се остваруваше во три клучни области: литературата, публицистиката и енциклопедистиката.

Во прозата најголемо влијание оставија романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (1972), оценет како прв македонски политички роман и добитник на „Рациново признание“, и „Сок од простата“ (1990), едно од најчитаните и најконтроверзни дела во современата македонска литература. Во поезијата особено се издвојуваат збирките „Медеја“ (1969) и „Идентитет“ (1974), препознатливи по тематската иновативност и преокупацијата со идентитетот и човековото постоење. Во литературата за деца најпознати се книгите „Мишо ишо шо о“ (1972) и „На сите светски страни само Ани, само Ани“ (1980), наградени како најдобри книги за млади.

Како публицист, траен белег остави со „Бев со нив“ (1977), првата книга интервјуа во македонското новинарство, и „Гемиџиите“ (1977), едно од неговите најобјавувани дела. Како енциклопедист беше главен уредник и коавтор на капиталните изданија „Личности од Македонија“ (2000) и четиритомната „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“ (2006).

За својата работа доби бројни признанија. Носител е на Рациново признание, „Стале Попов“, награда на КПЗ на Македонија за најчитан автор во 1991 г. , награда на Радио Скопје за најдобра годинашна книга за најмлади (трипати), „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за публицистика (двапати), „13 Ноември“ награда на град Скопје, Златна плакета на град Тетово, „19 Ноември“ награда на град Тетово, Поетско жезло, признание Духовен воин, „Крсте Мисирков“ за животно дело, награда на НИП „Нова Македонија“ за животно дело, прва награда „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија, годишна награда на неделникот „Пулс“ (двапати), Златно перо за превод на поезијата на Ајги, Гоцева повелба, како и наградата „Климент Охридски“ за култура и уметност.

Павловски е татко на уставната судијка Ана Павловска-Данева и на театрологот и книжевен критичар Мишел Павловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот