Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор: Бараме извинување и темелна истрага од Бугарија за протекувањето на дипломатската нота
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, вчера го повикало на разговор амбасадорот на Бугарија во врска со протекувањето во јавноста на документ – дипломатска нота со информации за членови на семејството на претседателот на Владата кои патувале во Бугарија, информираше денеска на прес-конференција, ресорниот министер Тимчо Муцунски. Како што кажа тој, објаснување до овој момент за дипломатскиот пропуст не добиле ниту од амбасадорот, ниту од бугарското министерство за надворешни работи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Одговарајќи на новинарски прашања, Муцунски ваквиот потег го нарече апсолутно неприфатлив начин на комуникација меѓу две држави и побара извинување и брз одговор на бугарските институции во насока на решавање на случајот.
– Кога се во прашање движења на членови на семејства на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат и семејства на високи странски претставници и сами странски претставници некогаш и во приватен капацитет, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност и доколку би се случило, првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава бидејќи очигледно немало доволен висок степен на безбедносен капацитет во рамките на институцијата. Второ, за мене што е загрижувачки, е што излегуваат лични податоци поврзано со сопруга и малолетно дете на претседател на влада. Секако побаравме информација, разговаравме и со наши стратешки партнери по тоа прашање бидејќи сме навистина загрижени за несериозноста која доведе до една таква ситуација – изјави Муцунски.
Тој потсети на неодамнешниот инцидент пред бугарската амбасада во Скопје во кој беа опожарени две дипломатски возила и нагласи дека македонските институции експресно реагирале.
– Ние веднаш јавно осудивме, институциите во најбрз можен рок постапија и веднаш искомунициравме и јас и заменик-министерот со претставниците на соседна Бугарија. И најмалку што очекувавме е таков проактивен пристап од нивна страна, а бидејќи немаше, ние побаравме средба, беше повикан бугарскиот амбасадор во МНР, го изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите меѓу двете држави преку еден ваков гест и побаравме објаснување од страна на соседна Бугарија како е дојдено до ваков инциден. Секако очекуваме, не само објаснување, туку и една темелна истрага како е дојдено до оваа ситуација бидејќи ќе повторам, и согласно меѓународното право, вакво нешто е неприфатливо во меѓусебни односи на две држави независно од тоа што тие имаат меѓусебни политички тензии. Има држави што војуваат меѓусебе па ваков тип на документи не излегуваат во јавност – истакна шефот на дипломатијата.
Тој не посочи директно од каде протекол документот, но, говорејќи хипотетички, прстот го впери кон бугарското МНР.
– Хипотетички, доколку таков податок излезе од министерство за надворешни, а е поврзан со семејство на претставник на странска држава, јас би се извинил, тоа е чекорот што јас би го направил ккао министер. Се може да се случи, може грешка да се направи во рамки на институција, но јас како министер би се извинил доколку такво нешто би се случило – рече Муцунски.
Според него, постои сериозна мрежа на активности на онлајн страници, на социјалните мрежи, на ботовски мрежи и портали кои се занимаваат, не само со претставници на владата како индивидуи, туку се повеќе и со нивните семејства.
– Последен е случајот со јавно објавување на вербална нота, со објавување информации за малолетен член на семејството на премиерот, имаше лажни вести дека мојот дедо бил буагрски војник, тоа се истите портали кои ги шират овие лажни вести. Се гардат наративи со цела една мрежа со нашите семејства. Ние сме навикнати, нека објавуваат за нас, но барем нека ги остават нашите семејства – дециден беше министерот за надворешни работи.
За потсетување, премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали очекува некаква промена во односите со Бугарија, вчера обвини дека односите меѓу двете заемји се радикализираат, а како причина за ваквата констатација тој го наведе објавувањето во јавноста на дипломатска нота за неколкудневен престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија, на почетокот на оваа година.
Осумдневен притвор за скопјанецот што ги запали бугарските дипломатски возила
Мицкоски додаде дека за случајот веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува безбедноста на неговото семејство. Тој им се извини на сопругата и на помалиот син што морале сето ова да го трпат.
Инаку, дипломатската нота за која говореше Мицкоски е допис од 6 јануари годинава со кој македонската амбасада во Софија го информира Министерството за надворешни работи на Бугарија дека сопругата и еден од синовите на премиерот ќе патуваат во Пампорово, Бугаријана 8 јануари.
Дипломатскиот документ минатата недела беше објавен на социјалните мрежи.
Како што може да се види во дипломатскиот документ, објавен од групата „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“, во него покрај датумот на патувањето, наведено е приближното време кога сопругата и помалиот син на Мицкоски ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, како и детали за нивното обезбедување – имињата на неговите членови, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и вооружувањето што го носат со себе.
По неговата изјава, „Слободен печат“ упати дополнителни прашања до Владата, кои се нивните информации, од каде е протечен документот, дали од бугарското МНР, бидејќи тој првично беше објавен на социјалните мрежи, а на прашањето – кој го информираше НАТО, дали вие, како Влада, и кој е посочен како виновник за протечениот документ, односно што пишува во реакцијата до НАТО, не добивме одговор од Владата.
– Не би имале што повеќе да додадеме од изјавата на премиерот денес – ни одговори портпаролката на Владата Марија Митева.


